Блинкен за изборите во Венецуела: Сериозно сме загрижени дека објавените резултати не ја одразуваат волјата на гласачите

Американскиот државен секретар дополнително рече дека меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата и дека соодветно ќе одговори

Соединетите Американски Држави (САД) изразија сериозна загриженост во врска со резултатите објавени од изборната комисија на Венецуела кои велат дека актуелниот претседател Николас Мадуро го освоил третиот претседателски мандат.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL

Ставот на САД го пренесе државниот секретар Ентони Блинкен, според кого постои сериозна загриженост дека објавените резултати не ја одразуваат волјата на граѓаните на Венецуела, пренесе Ројтерс.

Според агенцијата, само неколку минути откако властите во Венецуела соопштија дека Мадуро победил на претседателските избори, Блинкен ги прекинал изјавите во врска со состанокот на индопацифичките нации, по што се осврнал на развојот на настаните по изборите во јужноамериканската држава.

„Пред кратко време го видовме соопштението на венецуелската изборна комисија. Имаме сериозна загриженост дека објавениот резултат не ја одразува волјата, односно гласовите на венецуелскиот народ“,

изјави денеска Блинкен.

Американскиот државен секретар дополнително рече дека меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата и дека соодветно ќе одговори.

„Важно е секој глас да се брои правично и транспарентно, службениците задолжени за изборите веднаш да споделуваат информации со опозицијата и набљудувачите на изборите без одложување и изборните власти да објават детална табела на гласовите“,

рече Блинкен.

Реакцијата на САД следува откако шефот на Националниот изборен совет на Венецуела, Елвис Аморосо, соопшти дека по пребројувањето на 80 отсто од гласовите, претседателот Мадуро освоил 51,20 отсто, наспроти 44,02 отсто колку што добил неговиот ривал Едмундо Гонзалес.

Опозицијата на Венецуела обвини за „широко распространета измама со пребројувањето на гласовите“ и најави дека ќе ги оспори резултатите. Опозицијата се обедини зад кандидатот Едмундо Гонзалес за да се обиде да го собори Мадуро по 11 години на власт.

Изборната комисија на Венецуела соопшти дека Мадуро победил на изборите и покрај тоа што повеќето излезни анкети укажуваа на победа на опозицијата.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро прославува откако ги дозна резултатите од претседателските избори во Каракас, Венецуела, 29 јули 2024 година, Фото: EPA-EFE/RONALD PENA R

Анкетата на „Едисон рисрч“, позната по своите анкети за изборите во САД, во својата излезна анкета предвиде дека кандидатот на опозицијата, Гонзалес ќе освои 65 отсто од гласовите, а Мадуро 31 отсто, пишува Ројтерс.

Вашингтон, кој не го призна реизборот на Мадуро во 2018 година, ги олесни санкциите за нафтената индустрија во Венецуела во октомври лани како одговор на договорот меѓу Мадуро и опозициските партии.

Сепак, САД подоцна повторно ги вратија во сила санкциите поради, како што соопшти официјален Вашингтон, дејствијата кои се закануваат на инклузивноста на демократското гласање. Американските власти рекоа дека дополнително ќе ја приспособат својата политика на санкции во зависност од спроведувањето на изборите.

- Реклама -