Мадуро прогласи победа на изборите, опозиција обвинува за огромна измама

Опозицијата на Венецуела обвини за „широко распространета измама со пребројувањето на гласовите“ и вети дека ќе ги оспори резултатите. Опозицијата се обедини зад кандидатот Едмундо Гонзалес за да се обиде да го собори Мадуро по 11 години на власт

Претседателот Николас Мадуро победи на претседателските избори во Венецуела, покажуваат делумните резултати кои ги објави избирачкиот совет.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро прославува откако ги дозна резултатите од претседателските избори во Каракас, Венецуела, 29 јули 2024 година, Фото: EPA-EFE/RONALD PENA R

Шефот на Националниот изборен совет (НИС) Елвис Аморосо, кој е близок сојузник на Мадуро, рече дека по пребројувањето на 80 отсто од гласовите, претседателот Мадуро имал 51,20 отсто од гласовите, наспроти 44,02 отсто за неговиот главен ривал.

Опозицијата на Венецуела обвини за „широко распространета измама со пребројувањето на гласовите“ и вети дека ќе ги оспори резултатите. Опозицијата се обедини зад кандидатот Едмундо Гонзалес за да се обиде да го собори Мадуро по 11 години на власт.

Опозицијата распореди илјадници сведоци на избирачките места низ целата земја за да можат сами да ги пребројат гласовите. Сепак, портпаролката на коалицијата предводена од Гонзалес рече дека нивните сведоци биле „принудени да заминат“ на многу избирачки места.

Опозицијата, исто така, ги повика симпатизерите да внимаваат во избирачките центри за да го следат процесот на броење во „одлучувачките часови“ по затворањето на гласачките места.

Анкетите на јавното мислење му дадоа на Гонзалес големо водство пред Мадуро.

Многу гласачи рекоа дека сакаат промени по 25 години од социјалистичката партија ПСУВ на власт.

Гласањето во Венецуела е електронско. Гласачите во гласачката машина го притискаат копчето доделено на нивниот претпочитан кандидат. Електронските резултати се испраќаат до централата на НИС, но машината печати и хартиена потврда, која потоа се става во гласачката кутија.

Според законот, партиите можат да испраќаат сведоци на пребројувањето на овие хартиени потврди кое се врши на секое избирачко место. Опозицијата рече дека добила пристап до помалку од една третина од испечатените листови.

Нивниот план беше да ги следат тие резултати за да видат дали се во согласност со резултатите објавени од НИС.

- Реклама -