Либан повикува на меѓународна истрага за убиствата во Голанската Висорамнина

Вчера Израел соопшти дека 12 деца на возраст меѓу 10 и 16 години се убиени, а 30 лица се повредени од ракета истрелана од Либан врз фудбалско игралиште во селото Маџдал Шамс

Остатоци по вчерашниот напад во Голанската Висорамнина

По разгорувањето на случувањата на Блискиот Исток, Либан денеска повика на меѓународна истрага за ракетниот напад врз Голанската Висорамнина, за што Израел го обвини Хезболах. Либан предупреди дека израелскиот возвратен напад има потенцијал да предизвика регионален конфликт.

Вчера Израел соопшти дека 12 деца на возраст меѓу 10 и 16 години се убиени, а 30 лица се повредени од ракета истрелана од Либан врз фудбалско игралиште во селото Маџдал Шамс.

Според израелското Министерство за надворешни работи, Хезболах е одговорен за нападот затоа што е единствената фракција што поседува проектил каков што беше испукан во Голанската Висорамнина.

Либанскиот шеф на дипломатијата, Абдала Бу Хабиб, повика на меѓународна истрага или трипартитна средба на комисијата со посредство на мировната мисија на ОН во Либан (УНИФИЛ) за да се утврди вистината за нападот.

Абдала Бу Хабиб, министер за надворешни работи на Либан

Тој ја отфрла можноста Хезболах намерно да целела кон цивили, велејќи дека од почетокот на војната во Газа во октомври таа цели само на „воените позиции“.

Бу Хабиб верува дека нападот можеби бил извршен од други организации или било „грешка на Израел или Хезболах“.

Министерот ги повика двете страни да ја спроведат Резолуцијата 1701 на ОН, усвоена по војната меѓу Хезболах и Израел во 2006 година, која предвидува дека само либанската армија и Привремените мировни сили на Обединетите нации (УНИФИЛ) да бидат распоредени во јужен Либан.

„Напад од големи размери врз Либан ќе ги ескалира тензиите во регионот и ќе предизвика регионална војна“,

предупреди министерот за надворешни работи на Либан.

- Реклама -