Матија Дедиќ, Љубојна и Дарко Лешоски – дел од „Бит Фест 2024“

Од 3 јули до 31 август во склоп на Битолското Културно лето ќе се одржи „Бит фест 1014“.

Матија Дедиќ, Љубојна, Горан Бојчесвки, Дарко Лешоски, Ана Бунтеска се дел од манифестацијата на која една вечер ќе биде посветена на творештвото на Тоде Новачевски.

На 5 август свој настап ќе има групата „Љубојна“, која преку својот автентичен музички стил, на присутните гости секогаш им нуди незаборавни моменти на музичко уживање, водено од македонската традиција и мелос. 

Љубителите на класичната музика, ќе имаат ретка можност да бидат дел од настапот на врвниот светски познат пијанист Матија Дедиќ, кој ја продолжува музичката традиција на неговото семејство, Арсен Дедиќ и Габи Новак, на 9 август. Заедно со Матија Дедиќ, ќе настапи и битолчанецот Горан Бојчевски, магистер по кларинет и композитор, кој магистрираше на признатиот Моцартеуму во Салзбург, а музичките критичари го вбројуваат во еден од најдобрите кларинетисти во светот. 

За љубителите на домашното вино, на 10 август во организација на Slow Wine – Вински салон, ќе бидат промовирани малите семејни производители на вино, кои преку дегустација ќе ја раскажат својата уникатна винска приказна, произлезена од локалните сорти на грозје, растени на ова поднебје. 

Манифестацијата ќе биде надополнета со настап на музички групи

И за вљубениците во пишаниот збор, понудата на креативното изразување ќе биде изразена преку средбата со најпознатите македонски писатели. Преку целодневна работилница, публиката ќе може да се сретне со Ана Бунтеска, Дарко Лешоски, Ана Јовковска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Јасмина Атанасова. 

Ликовната и применетата уметност, како форма за промоција на културата, традицијата и уметноста на градот, преку работилници ќе биде доближана до пошироката јавност преку Ателје Солак, а изработените творби од секој учесник ќе бидат изложени на финална изложба кон крајот на месец август. 

Финалето на 16-тото издание на битолско културно лето „БИТ ФЕСТ“, ќе биде посветено на уште еден значаен битолчанец, преку манифестацијата „Незаборав“. Песните на познатиот композитор Тоде Новачевски, ќе бидат отпеани на концерт во живо, со познати македонски изведувачи. 

Ова се само дел од настаните, кои ќе бидат реализирани до 31.08.2024 година, во рамките на „БИТ ФЕСТ“ 2024, а комплетната програма ќе биде дополнително објавена.

- Реклама -