СДСМ: Фирма на министерката за енергетика му должела речиси милион евра на МЕПСО

Од партијата ги прашуваат министерката Божиновска и премиерот Мицкоски дали парите се вратени и дали нејзиното именување не претставува конфлкикт

Методија Илиевски од СДСМ на денешнта апрес-конференција / ФОТО: Центар за комуникации на СДСМ

Компанија поврзана со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во 2016 и 2017 година направила долг за неплатена струја кон државната компанија МЕПСО од околу еден милион евра, рече денеска на прес-конференција Методија Илиевски од СДСМ. Како што додаде тој, станува збор за фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје“, чиј основач и еден од управителите била Божиновска.

„Божиновска, која важи за партнер на Мицкоски во енергетиката, премиерот ја претстави како врвен експерт и менаџер во оваа индустрија. Божиновска, која криеше и се уште крие дека има бугарски пасош, крие и многу други работи поврзани со нејзиното работење во приватниот сектор“,

додаде Илиевски.

Според него, во тоа време над 70 отсто од вкупниот долг на МЕПСО го направила само една фирма, таа на министерката. До крајот на 2017 година, рече Илиевски, долгот достигнал 59 милиони денари, што е речиси еден милион евра.

„По одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година е спроведено и вештачење од судски вештак, кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска, која му должела на МЕПСО. Значи цели две и пол години Божиновска нема абер од плаќање на долгот кон државата“,

вели Илиевски.

Тој продолжи дека Божиновска потоа го сменила името на фирмата од „ЕНГ сервис трејд“ во „Карсзз Траде дооел Скопје“. Таа фирма работела со загуба и станала деловно неактивна, а причината за нејзиното бришење, објасни Илиевски, биле што не поднела годишна даночна пријава за 2019 година.

„Денес ја прашуваме Божиновска, а го прашуваме и Мицкоски – каде се парите? Дали се вратени еден милион евра долг кон државната МЕПСО, де факто пари на граѓаните? Каде се еден милион евра? Ова ли се менаџерските способности и експертизата на Божиновска, да згаснуваат и менуваат имиња на фирми кои должат пари“,

праша Илиевски.

Тој од Мицкоски побара и одговор како можел да ја постави неа да раководи со енергетиката и де факто да биде одговорна и за работењето на МЕПСО, а притоа самата да му должи огромна сума пари на МЕПСО.

„Дали ова не е само по себе конфликт? Зошто Мицкоски ја избра Божиновска, дури и направи и цело ново министерство? Во какви бизнис релации се двајцата“,

праша Илиевски.

Како што додаде тој, СДСМ располагале со други информации за „катастрофалниот учинок на Божиновска со приватниот сектор кои укажуваат дека таа не е способно за функцијата, но има и сомнително минато како менаџер“. Најавија нови информации во следните денови.

- Реклама -