ВМРО-ДПМНЕ: Ако Обвинителството не отвори постапка за Дрин Ахмети, ќе одговара

Тој додава дека Обвинителството не треба да се плаши од таткото на Дрин Ахмети, за кој вели дека „буквално му седи на главата“ на јавниот обвинител за организиран криминал Ислам Абази

Јавното обвинителство да не молчи, да не чека и да реагира експедитивно за Дрин Ахмети, кој заработувал милиони без да плати соодветен надоместок за концесијата, побараа денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, Ахмети свесно ја оштетил државата и затоа, како што велат, Јавното обвинителство мора да почне да постапува согласно закон.

„Јавното обвинителство не смее да остане под притисок на поранешната власт на СДС и ДУИ“,

вели пратеникот Миле Лефков, кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додава дека Обвинителството не треба да се плаши од таткото на Дрин Ахмети, за кој вели дека „буквално му седи на главата“ на јавниот обвинител за организиран криминал Ислам Абази.

Лефков вели дека доколку Обвинителството не постапи за овој случај, ќе треба да одговара пред законот бидејќи не го направиле тоа.

„Институциите се ослободуваат и сега ако не постапат, ќе треба и тие да одговараат пред законот за многу скоро од сега, зошто тоа не го направиле. ЈО не смее да не постапува, Дрин Ахмети преку неговата фирма Еверест ЏД го оштетил Буџетот на државата, не платил концесија во висина на извршените ископи од над 1,6 милиони евра“,

рече Лефков.

Тој и денеска, како и вчера, кога рече дека Ахмети бил под закрила на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, додаде дека непостапувањето на институциите во време на СДСМ и ДУИ придонело за тоа Дрин Ахмети да работи, иако требало да му биде одземена лиценцата.

Според Лефков, Дрин Ахмети е фатен на дело како прави криминал и случајот е многу јасен, и затоа рече дека очекува брзо процесуирање.

Лефков на вчерашната прес-конференција рече дека затоа што Бектеши не му ја одзел концесијата на Дрин Ахмети, иако требало и морало, тој продолжил да работи и како таков добивал тендери. Фирмата, додаде Лефков, се јавува како носител на договори за јавни набавки во државните институции АД „ЕСМ“ во вкупен износ од 7 670 000 денари со вклучен ДДВ и договор за јавна набавка кај ЈКП „Водовод и канализација“ од Прилеп во вкупен износ од 944 000 денари со вклучен ДДВ.

Пред пет дена од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека поднеле кривични пријави против вкупно девет лица. Врз основа на прибраните докази од страна на единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран криминал, две лица кои биле директори на една иста кичевска фирма, но во различни периоди, се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. 

Полицијата тврди дека фирмата копала варовник кај кичевски Зајас согласно концесиски договор, ама не уплаќала пари во државниот буџет согласно договорот. Така, според МВР, направиле штета од околу 27 000 евра на буџетот. МВР поднесе кривична пријава против двајцата директори на фирмата. Едниот, Б. А., бил директор на фирмата од 2008 до 2017 година. Другиот, Д. А., е директор на фирмата од 2017 година досега.

Упатени извори од МВР потврдија дека зад иницијалите Д. А. стои Дрин Ахмеди, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. По проверка на податоците во Централниот регистар бргу дојдовме до заклучокот дека станува збор за фирмата „Еверест ЏД“, каде што до 2017 газда и управител бил Бесиан Ахмети, а од 2017 досега и двете улоги ги презел неговиот брат, Дрин Ахмеди.

- Реклама -