Израел нападна цели на Хезболах во Либан

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, претходно рече дека либанската милитантна група „ќе плати висока цена“ по смртоносниот напад на фудбалскиот терен

Илустративна фотографија / ФОТО:Архива

Израелските воени авиони извршија напади против Хезболах во Либан во текот на ноќта, соопшти денеска израелската војска. Нападите доаѓаат откако вчера израелските власти го обвинија дека Хезболах извршил ракетен напад на Голанската висорамнина во кој според последните информации загинати се 12 лица, меѓу кои и деца, а 19 беа повредени.

„Во текот на ноќта, израелските воздухопловни сили погодија терористички цели на Хезболах и длабоко во либанската територија и во јужен Либан, вклучувајќи складишта за оружје и терористичка инфраструктура во областите Чабриха, Борџ Ел Чмали и Бекаа, Кфаркела, Раб Ел Талатин, Киам и Таир Харфа“,

соопшти војската.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, претходно рече дека либанската милитантна група „ќе плати висока цена“ по смртоносниот напад на фудбалскиот терен во оддалечениот град во окупираната Голанска Висорамнина, кој дојде во време на еднодневниот налет на ракети. од Либан.

Израелскиот претседател Исак Херцог синоќа изјави дека либанското исламистичко движење Хезболах „нападна и уби деца“ во ракетниот напад на Голанската висорамнина која е под контрола на Израел.

„Терористите на Хезболах денеска насилно нападнаа и убија деца, чие единствено злосторство беше што излегоа да играат фудбал. Не се вратија“,

се вели во соопштението на Херцог.

Од Хезболах ги негираа обвинувањата, а портпаролот на милитантната група Мохамад Афиф рече „сите обвинувања за вмешаност на нашата група се лажни“.

- Реклама -