ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „крпи дупки“ со ребалансот на буџетот, според СДСМ власта не знае што прави

На собраниската Комисија за финансирање и буџет едните велеа дека ребалансот е спас на земјата од банкрот, почеток кој најавува жестока инвестициска офанзива и борба против криминалот и корупцијата, а другите, пак, рекоа дека е показател оти Владата е во тотален хаос, без визија и капацитет да спроведе реформи и да ги реализира ветувањата

Ребалансот на буџетот и денеска е тема на расправа меѓу власта и опозицијата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите околу трошењето на народните пари и „крпењето дупки“.

За едните ребалансот е спас на земјата од банкрот, почеток кој најавува жестока инвестициска офанзива и борба против криминалот и корупцијата, а за другите показател дека Владата е во тотален хаос, без визија и капацитет да спроведе реформи и да ги реализира ветувањата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот е „крпење дупки“ и обид невозможното да стане барем малку возможно, додека според СДСМ, лош почеток кај ја покажува конфузијата на власта.

Пратениците од СДСМ обвинија дека со ребалансот не се предвидени средства за пораст на минималната плата, за плати на здравствените и просветните рабтници, за Армијата и полицијата, дека со него се суспендираат колективните договори и сите барања на синдикатите, како и дека се скратени средства во образованието, на што од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека тоа се лажни тези и дека пари за зголемување на платите и пензиите ќе има, но и дека Владата ќе биде исклучително квалитетен партнер во социјалниот дијалог со синдикатите.

„Ребалансот е само почеток кој најавува жестока инвестициска офанзива и борба против криминалот и корупцијата. Правиме невозможното да стане барем малку возможно. Вложуваме максимални напори на мускули да ја истуркаме 2024 година, а во 2025 ќе креираме реален буџет за реализирање многу инвестиции, буџет што ќе значи трошење по мерка, а не по желба. За нас народната каса е како семејната. Наш предизвик е да ги намалиме сиромаштијата, иселувањето и долгот, со многу чесна работа, без нималку крадење и со максимални напори народните пари да се трошат само за народните. потреби. Со ребалансот ќе ја спасиме земјата од банкрот, а со следнот буџет ќе почнеме да ја издигнуваме од пепелта за да ја изградиме како наш нов дом“,

рече Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реплицираше Даниела Николова од СДСМ, оценувајќи дека Владата не знае што прави. 

„Владата е во тотален хаос и не знае што прави. Со ребалансот се покажува кои политики ќе ги применуваат во следниот период. Но, ваквата состојба на хаос за мене не се за изненадување ако се земат предвид кадровските решенија на сите нивоа. Тие јасно зборуваат дека не треба да имаме никакви очекувања. Ако СДСМ беше фокусирана на зголемување на платите и надминување на кризите, актуелната влада очигледно нема фокус, влегува во целосен хаос кој за кратко ќе го почувствуваат граѓаните“,

рече Николова.

Според неа, Владата за само еден месец покажала дека нема да се грижи, ниту за државата, ниту за граѓаните. Ребалансот, додаде Николова, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за работниците и дека нема намера да ги почитува колективните договори.

„Нема раст на минималната плата и зголемување на платите на работниците. Мицкоски е без грам совест и одговорност, заедно со министрите реши да поторши 20 000 евра на повратни бнилети за САД, ветуваа домаќинско работење, но веднаш покажаа дека им е важен луксузот“,

рече Николова.

Пратеничката од СДСМ се осврна и на унгарскиот заем кој премиерот Христијан Мицкоски го најави.

„Зошто земаме заем баш од Унгарија, која е зависна од ЕУ-фондовите, кои се условите за овој заем, дали има скриени клаузули, дали можеби гарант за овој заем е пријателство на Орбан и Груевски? Треба да одговрите на овие прашања кога веќе велите дека ќе бидете транспарентни“,

им порача Николова на колегите од ВМРО-ДПМНЕ. 

Одговор стигна од Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека не Владата, туку државата е во хаос.

„Не е Владата во хаос, туку државата, од вашето неработење, од душманското трошење на народните пари и историскиот грабеж. Со тоа мора да се соочите и мора да расчистите во сопствените редови“,

рече Ласовска. 

Претходно реагираше и Александар Јамалов, со констатација дека „ребалансот е гаснење пожари кои горат во касите и сметките на државните институции“. Тој најави и дека „за лошото економско работење на претходната власт ќе има одговорност“.

Дискусијата за ребаланост на буџетот е во тек и ова е трет ден од расправата. Општата расправа за ребалансот трае најмногу три дена, а амандманската, за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за сѐ што треба да се исплати согласно закон. 

На вчерашниот втор ден, пратениците расправаа околу намалувањето на буџетот на судовите и јавните обвинителства. Пратениците од опозицијата велат оти институциите од судската власт треба да имаат поголеми буџети, а пратениците од парламентарното мнозинство сметаат дека овој буџет е дури и премногу за институциите со доверба од 2% кај граѓаните.

Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. 

За ребалансот на буџетот вчера свој став изнесоа од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think), од каде велат дека со сегашниот ребаланс на Буџетот забележуваат реалистично макроекономско проектирање и ја поддржуваатоваа структурна промена. Сепак оттаму изразуваат загриженост за зголемувањето на буџетскиот дефицит, што, како што велат, не е изненадување со оглед на политичките ветувања во предизборниот период.

Според ставот на „Фајнанс тинк“ во предложениот ребаланс на Буџетот за 2024 година, проекцијата за буџетските приходи е во линија на економските движења кај важните економски агрегати.

Од друга страна, она што, според нив, најмногу загрижува во предложениот ребаланс, е расходната страна.

Во врска со ова, оттаму изразуваат загриженост дека ваквото проширување на буџетскиoт дефицит е „целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако беше недоволна, отпочна по пандемиската 2020 година“.

- Реклама -