Најмалку 11 лица загинаа во ракетен напад на фудбалско игралиште во северен Израел

Израелските одбранбени сили го обвинија Хезболах за нападот, но портпаролот на милитантната група Мохамад Афиф негираше „каква била поврзаност со инцидентот на Мајдал Шамс

ФОТО: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Единаесет лица, меѓу кои и деца, загинаа денеска кога ракета од Либан падна на фудбалскиот терен во Мајдал Шамс на Голанската висорамнина во северен Израел, пренесува Би-би-си.

Покрај 11 загинати, ранети се и 19 лица. Претходно беше соопштено дека во нападот се тешко ранети девет лица и дека се работи за деца и млади на возраст од 10 до 20 години.

Израелските безбедносни сили (ИДФ) оценија дека ракетата што го погодила фудбалскиот терен каде што играле деца била релативно тешка.

Врвот на ИДФ врши проценки на нападот, за кој велат дека е најсмртоносниот што Хезболах го извршил во екот на престрелките на северната граница, и, како што соопшти, ќе одреди одговор против терористичката група.

ИДФ на социјалната платформа Икс соопштија дека Хезболах истрелал околу 40 проектили кон северен Израел.

Израелските одбранбени сили го обвинија Хезболах за нападот, но портпаролот на милитантната група Мохамад Афиф негираше „каква била поврзаност со инцидентот на Мајдал Шамс.

„Сите обвинувања за вмешаност на нашата група се лажни“,

рече тој.

Израелскиот министер за надворешни работи Јизраел Кац изјави дека разговарал со премиерот Бенјамин Нетанјаху по смртоносниот напад врз Мајдал Шамс, но не наведува детали од разговорот.

„Нема сомнеж дека Хезболах ги премина сите црвени линии. Се соочуваме со сеопфатна војна“,

вели Кац.

Од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопштуваат дека тој изутрина ќе се врати во Израел од неговата посета на САД.

„Веднаш по сознанието за катастрофата, премиерот Бенјамин Нетанјаху нареди неговото враќање во Израел да се спроведе што е можно побрзо“,

рекоа тие.

- Реклама -