„Во моите чевли” на Јована Зајкова вечерва во Сули ан

Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето”, вечерва, во Сули ан, со почеток во 20:30 часот, ќе се одржи мултимедијален перформанс насловен „Во моите чевли”, чија авторка и изведувачка е Јована Зајкова, додека костимографијата е на Соња Геговска – Зајкова.

„Сигурно сте слушнале за чудовиштата што живеат под креветот.
Излегуваат навечер – спремни да нападнат ако се осмелиш да ги вознемириш.
Некои деца се плашат, некои пак уживаат во своите мирни соништа без воопшто да помислат на нив.
Но, дали некогаш сте се прашале каде се чудовиштата преку ден?
Јас знам…
Тие се кријат во моите чевли.”

Перформансот што го започна своето патување како минијатура, во 2023 година ја освои втората награда на Фестивалот за кореографски минијатури во Белград, а беше изведен и на фестивали во Гдањск, Штутгарт, Брисел и Загреб.

Заедно со изведувачката, публиката патува низ палета на различни чевли, кои претставуваат различни карактери, предизвици и гледишта, во внимателен хармонично-хаотичен свет. Оваа приказна во себе содржи многу хумор и дури може да наликува на перформанс наменет за деца. Сепак, во овој лесен и шеговит пристап се крие многу силна порака за отворање на срцето, живеење на животот до максимум и пронаоѓање на убавината во тешкотиите на животот. Перформансот содржи сплет на современ танц, актерска игра, музика, видео и елементи од кловновство.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Јована Зајкова е професионална танчарка и кореографка. Таа ги завршува додипломските студии при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип во 2020 година, каде што се здобива со диплома за современа танчерка под менторство на проф. д-р Рисима Рисимкин. Во тек на студиите Јована стажира како дел од Танцовиот Театар од Скопје и учествува во голем број изведби на фестивали во земјата и надвор. Таа се појавува како кореографка и изведувачка на повеќе авторски проекти, меѓу кои се: „Парадоксот на Диоген”, „УПМ”, „Јовано, Јованке”, „Самовили и демони”. Во 2023 година Јована го кореографира солото „Во моите чевли” со кое настапува на фестивали во Полска, Србија, Белгија, Германија и Хрватска. Покрај работа како професионална танчарка на сцена, во музички спотови и реклами, Јована држи часови по танц и работилници за деца и возрасни

- Реклама -