„Конект“ – организација која креира нови движења во општеството

Никица Кусинкова е извршна директорка на „Конект“, организација која ги поврзува поедниците и компаниите кои сакаат да донираат, со оние на кои таа донација им е најпотребна. „Конект“ креира алатки коишто овозможуваат да се донираат забавно, лесно, со полна доверба и оние кои донираат да бидат сигурни дека кога ќе ја дадат донацијата дека таа ќе заврши на вистинското место и дека вистински ќе се реализира.

Ако општествената одговорност е една од темелните вредности на општеството, каде е македонското општество во таа приказна? Високо на скалата горе, ќе каже Никица. Донациите се базата, основата на едно општество базирано на солидарност и на хуманост. Едно препознавање дека јас не постојам само за мене и за моето семејство, туку дека сум дел од една поширока заедница и дека кога донираме заеднички истражуваме ресурси за да си ја направиме таа заедница да ни е просперитетна, затоа што со тоа индиректно и јас си го правам животот мој и на моето семејство поубав.

Минатата година преку активностите на „Конект“ донирале околу 900 граѓани и 68 компании, во 32 граѓански организации.

-Имаме многу убави примери од пракса. Еве ќе дадам пример од Делчево, помала заедница. Поддржувавме и ја менториравме организацијата „Бравура Кооператива“, што работи на интеграција на лица со попреченост. Им помогнавме да пристапат до локална компанија „Брегал“, од Делчево, за донација. Низ разговорот со компанијата, тие идентификуваат, компанијата самата понуди електричен автобус, што го имала, кој што е прилагоден за лица со попреченост, меѓутоа не го користеле. И го даде како донација на здружението. Значи, за здружението тоа беа огромни ресурси. Тој автобус беше од некоја вредност од најмалку 8000 евра. Ние им помогнавме, пристапивме до ЕВН, направија електрични приклучоци во Делчево за да може да се напојува тој електричен автобус, а потоа организацијата одлучи тој автобус да не го користи само за своите корисници, за своите активности, туку да го даде на располагање и на сите деца со попреченост што одат на училиште. Тој автобус да се користи како превозно средство за децата да може без потешкотии и без обтеретување врз родителите да може да посетуваат, да стигнат на училиште и да посетуваат настава. И на тој начин се крираше една многу убава приказна. Ако зборуваме за таа проблематика на лица со попреченост и образование, исто Здружението Ајнштајн со една IT компанија изработија заедно плагин и фонд за дислексичари. Македонски фонд. Бидејќи такво нешто не постоеше и лицата кои што се соочуваат со дислексија имаат потешкоти во читањето. Многу едноставно, повторно, со скромни ресурси, се направи огромна промена во животот на тие лица – вели Никица.

Таа смета дека македонското општество уште целосно не го ослободило тој потенцијал на општествена одговорност и тоа е нешто на што треба да се работи. Во исто време промените се прават и се чувствуваат и на страната на тие што донираат.

-Во соработка со ЕВН, пред неколку години реализиравме програма за корпоративно волонтирање, каде што преку 600-тини вработени од компанијата самите идентификуваат работи кои што сакаат да ги подобрат во заедницата. Парк за миленици, лулашки во некоја населба, во рурални училишта да се возобнови осветлувањето. 30 години таму децата немале светло по ходниците. Волонтерите со минимални средства успеаа да ги направат и со рециклирани материјали успеаа да ги реализираат тие проекти.  Она што беше повратно важно е  преку 90% од тие вработени прв пат го искусиле волонтирањето. Прв пат ја искусија таа радостда дадеш свое време да се вложиш во нешто од кое што ти немаш личен бенефит. И сите искажаа спремност да тоа го повторуваат. И дури и бараат да бидат вклучени во повеќе такви активности. На тој начин ја градиме таа култура и свест во општеството што сакаме да ја постигнеме- вели таа.

Еден од најубавите проекти за „Конект“ е донаторскиот кружок. Пет години по ред се организира крауд-фандинг настан во живо, каде што околу 100- тина граѓани се собираат да донираат.

-На секој кружок ни се претставуваат 3 организации во 5-6 минути, кои што ги избираме на отворен повик, секој има пристап да се претстави на кружокот и потоа за тие три организации донираме и ги здружуваме нашите донатори. Се вклучуваат и деца, буквално имаме граѓани од 5 години до 75 години кои доаѓаат на кружокот, од година во година веќе можам да кажам дека трикратно ни се зголеми износот на донации што успеваме да го собереме. Исто така годинава имавме 150 луѓе, почнавме со 80- тина, сега веќе 150 граѓани и компании се вклучуваат и таму на тие настани се чувствува таа енергија на еден позитивен дух, на една свест дека и заеднички можеме да направиме многу. На пример, од годинашниот кружок ќе дадеме поддршка да се возобнови старо руинирано училиште во село Лакочереј во Охридско, да се претвори во младински центар, кај што младите од руралните средини ќе имаат свое катче да креират, да свират, да учат доколку им е потребно, едноставно да се здружуваат. Ќе поддржиме ромска организација во Шуто Оризари, која што нуди поддршка на жените Ромки жртви на семејно насилство, каде што тие се буквално животниот спас за тие жени и простор каде што може жената да се охрабри и да го пријави насилникот и да ја добие поддршката. И уште една организација „Акција здруженска“ која што работи со жени од рурални средини, која што им овозможува самите жени во руралните средини си го кренат гласот и да побараат од институциите, од општината да им се решат локално некои промени. И прв пат се охрабруваат да одат на маса со градоначалниците и да си побараат одредени потешкотии и проблеми во заедница за да се решат- вели Никица.

Ефектот на двачасовниот настан на донаторскиот кружок каде што луѓето се здружуваат за да помогнат некому, ја покажува моќта што филантропијата може да ја одигра. Токму поради фактот дека за само неколку часа се собираат средства за проекти кои менуваат многу во животите на луѓето, овој настан е многу значаен, не само за „Конект“ туку и за целото општество. Ни покажува колку малите иницијативи прават големи промени во општеството и во животот на поединците на маргините на тоа општество.

- Реклама -