Бајрами од АА: Потегот на Минчев е доволен партиите на Албанците да ја напуштат Владата

Поранешниот министер за администрација и информатичко општество, Наим Бајрами, потенцира дека со одлуката на министерот Минчев, застапеноста на Албанците во сите институции ќе се намали од 29,52% на 24,30%

Наим Бајрами, потпретседател на Алијанса на Албанците

Потпретседателот на Алијансата за Албанците, Наим Бајрами, преку соопштение на фејсбук-профилот на партијата, ги повика партиите на Албанците да ја напуштат Владата бидејќи, според него, одлуката на министерот за администрација Горан Минчев за промена на процентот на застапеност според Балансерот значи реализација на сценаријата за деградација на Албанците во земјава.

Поранешниот министер за администрација и информатичко општество, Бајрами, потенцира дека со одлуката, застапеноста на Албанците во сите институции ќе се намали од 29,52% на 24,30%.

„Тоа значи дека со години во иднина нема да се вработува ниту еден Албанец во оние институции каде што процентот на Албанци достигнал 24%, што практично значи дека на голем број институции ќе им бидат затворени вратите за Албанците. Забрзаните чекори на нелегитимната Влада за деградирање и најавеното укинување на Балансерот се крајно вознемирувачки и претставуваат сериозен удар за Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност и меѓуетничката кохезија во државата“,

вели Бајрами во писмената изјава.

Според него, ова е доволна причина за партиите на Албанците во Владата дури и да биле победници на изборите, да ја напуштат оваа влада бидејќи, како што вели Бајрами, со секоја постапка се газело достоинството на Албанците.

Реакцијата на Бајрами доаѓа откако и владиниот коалициски партнер „Вреди“, денеска реагираше оти Минчев со тоа што ги врати на доработка годишните планови за вработување на институциите од јавниот сектор, на кои им порача да го почитуваат новиот начин на пресметка на Балансерот, гради антиалбанска доктрина.

Од 120 годишни планови за вработување, ресорниот министер дури 115 врати на доработка, поради, како што рече на денешната прес-конференција, погрешно впишан процент на етничка заедница, т.е. неусогласеност со новиот начин на пресметка на Балансерот.

Минчев денеска потсети дека според новата пресметка, предвид се зема само бројот на резидентното население, а не и на нерезидентното население од пописот во 2021.

- Реклама -