Пратеници на ДУИ добиле имејл-порака со заканувачка содржина – МВР го истражува случајот

Координаторот на пратеничката група на „Европски фронт”, Блерим Беџети, за „360 степени“ потврди дека пораката стигнала на службените имејл-адреси на пратеници на ДУИ, но не сакаше да открие детали за содржината

Неколкумина пратеници во Собранието на службените имејл-адреси пред три дена, поточно на 23 јули, добиле порака со заканувачка содржина, информира попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР).

Случајот, како што пишува во билтенот на МВР, го пријавил „претставник на една политичка партија”.

„На 25.7.2024 година во 13:58 часот во полициската станица ‘Центар’, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23.7.2024 година во 18:15 часот, од непозната електронска адреса, на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието на РСМ, била испратена порака со заканувачка содржина“,

пишува во билтенот на МВР.

Од МВР додаваат дека за настанот е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, како и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Според информации на „360 степени“, заканувачките пораки биле испратени до пратеници на Демократската унија за интеграција (ДУИ), дента кога во Собранието на дневен ред беше предлогот за именување на заменик-министри во Владата.

Координаторот на пратеничката група на „Европски фронт”, Блерим Беџети, за „360 степени“ го потврди случајот, но не сакаше да открие повеќе детали за содржината на заканувачките пораки. Посочи дека како политичка партија постапиле институционално.

Блерим Беџети, координатор на пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“ / Фото: Принтскрин

„За случајот се известени Јавното обвинителство и МВР“,

вели Беџети.

Редакцијата на „360 степени“ има увид во содржината на пораката што била испратена на имејл-адресите на пратеници на ДУИ, но нема да ја објави поради недоличниот, навредувачки и заканувачки речник.

- Реклама -