Мицкоски: Постојат индиции за создавање партиски октроиран центар на моќ во обвинителството и судството

Премиерот ова го кажа во контекст на вчерашниот претрес што МВР го изврши во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители

Претресите кои припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) вчеравечер ги извршија во Академијата за судии и јавни обвинители, премиерот Христијан Мицкоски вели дека се поради индиции за создавање партиски октроиран центар на моќ во обвинителството и судството.

Христијан Мицкоски, премиер на РСМ / Фото: Влада

„Такви индиции има, а дали ќе се потврди ќе каже МВР. Но, доколку се потврди, од тоа што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор кон тоа дека навистина имаме партиски октроирано и заробено и обвинителство и судство и не ме чуди што довербата е само два проценти“,

рече Мицкоски прашан за вчерашниот упад на МВР во Академијата за судии и јавни обвинители.

Од позиција на претседател на Владата, тој кажа дека нема да застанат на ова, туку дека ќе продолжат и натаму во борбата против, како што рече, криминалците во правосудниот систем.

„Ќе повторам, станува збор за исклучоци. Имаме многу чесни обвинители и судии, но за жал тие се во втор план, овие се во прв план малкумина и затоа состојбата е таква каква што е, односно довербата е скромни два проценти. Ние ќе продолжиме и понатаму и нема да застанеме тука како Влада. Граѓаните мора да добијат правда бидејќи тоа е она со коешто излеговме уште за време на кампањата на претседателските избори во 2019 година. Правда мора секој да добие“,

додаде премиерот.

По барање на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а по наредба на судија на претходна постапка, вчера попладне МВР влезе во Академијата за судии и јавни обвинители и одзеде електронски податоци од компутери, а правеше и проверка на досиеја од веќе избрани судии и обвинители.

Причината, како што денеска соопштија од ОЈО ГОКК, се сознанијата и индициите за сторено друго кривично дело до кои е дојдено во истрагата против врховен судија. До ваквите сознанија истрагата на Обвинителството дошла при анализа на телефонот на осомничениот врховен судија.

Иако во соопштението на Обвинителството не е наведено името на судијата, повеќе од извесно е дека станува збор за врховниот судија Наке Георгиев, кој е единствениот носител на ваква функција против кого ОЈО ГОКК води истрага за примање поткуп и за која оттаму информираа јавно.

- Реклама -