Во врска со ова, оттаму велат дека ваквото проширување на буџетскито дефицит е „целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако беше недоволна, отпочна по пандемиската 2020 година“
Ставот на „Фајнанс тинк“ е дека со линеарното септемвриско усогласување, трошокот за пензии е скоро двојно поголем од редовното усогласување на пензиите со трошоците на живот и просечната плата, и тоа го притиска новопроектираниот продлабочен дефицит
Со сегашниот ребаланс на Буџетот забележуваме реалистично макроекономско проектирање и ја поддржуваме оваа структурна промена велат од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think), кој денеска го објави својот став за актуелното прекројување на државната каса кое е во собраниска процедура. Сепак оттаму изразуваат загриженост за зголемувањето на буџетскиот дефицит, што, како што велат, не е изненадување со оглед на политичките ветувања во предизборниот период.
Според ставот на „Фајнанс тинк“ во предложениот ребаланс на Буџетот за 2024 година, проекцијата за буџетските приходи е во линија на економските движења кај важните економски агрегати.
„Во делот на даночната политика, елаборацијата е преземена од донесувањето на Буџетот во декември 2023 година, и истата не е порамнета со рамката предвидена во политичката програма на партијата која сочинува мнозинство во Владата (ВМРО-ДПМНЕ н.з.)“,
се наведува во нивниот став.
Зголемувањето на буџетскиот дефицит го навестија предизборните ветувања
Од друга страна, она што според нив, најмногу загрижува во предложениот ребаланс е расходната страна.
„Со ребалансот се предвидува дека вкупните расходи ќе се зголемат за 19,2 милијарди денари (над 300 милиони евра) споредено со основниот буџетски план за 2024 година. Со тоа, буџетскиот дефицит забележува драматичен раст, од првично проектираните 3,4 отсто на 4,9 отсто од БДП“,
велат од „Фајнанс тинк“.
Во врска со ова, оттаму изразуваат загриженост дека ваквото проширување на буџетскиoт дефицит е „целосно застранување од патеката на фискална консолидација, која иако беше недоволна, отпочна по пандемиската 2020 година“.
„Сепак, проширувањето на буџетскиот дефицит не е и не смее да се третира како изненадување. Политичките ветувања во периодот пред изборите што се одржаа порано годинава, навестуваа дека за нивното остварување е потребно значително проширување на фискалниот простор, што сега се огледува во 44 проценти зголемување на буџетскиот дефицит“,
се наведува во ставот.
Според нив, во одредена мера, проширувањето на буџетскиот дефицит е резултат на ветувањето за линеарно зголемување на пензиите од 2 500 денари во септември оваа година, односно вкупно 5 000 денари заклучно со март 2025 година.
Ставот на „Фајнанс тинк“ во врска со ова е дека со линеарното септемвриско усогласување, трошокот за пензии е скоро двојно поголем од редовното усогласување на пензиите со трошоците на живот и просечната плата, и тоа го притиска новопроектираниот продлабочен дефицит.
Дополнително, оттаму велат дека проширувањето на фискалниот дефицит е резултат и на две други тенденции од кои првата се однесува истрошеноста на буџетот заклучно со јуни 2024 за 71 процент во делот на буџетскиот дефици, што е значајно несразмерно за периодот на кој се однесува. Втората тенденција, според „Фајнанс тинк“ е неможноста, или недоволното време да се консолидира и рационализира расходната страна, а во услови на претходно-преземени законски обврски кои сега имаат или ќе имаат фискална реализација.
„Сепак, разбирливо е дека за значајно консолидирање на расходните ставки, подалеку од ставката стоки и услуги и традиционалната дебата за користење возила, ручеци, мебел и хонорарно вработување партиски членови, е неопходно одредено време. Finance Think очекува вакви потези, базирани на поширока дебата, да станат видливи при проектирањето на Буџетот 2025 година, покрај кај ставката стоки и услуги, и во други релевантни ставки како разните видови субвенции, трансфери итн“,
се наведува во соопштението.
Според Институтот, со ваквата поставеност на основниот Буџет и со предвидениот ребаланс, развојната компонента не само што не зајакнува, туку таа, велат оттаму, и дополнително ослабнува.
„Во оваа насока, потребна е структурна промена во буџетирањето и во политиките на владата во претстојниот среднорочен период“,
додаваат оттаму.
За заемот од унгарската влада
Во однос на билатералниот заем од Унгарската влада во износ од 500 милиони евра со период на враќање од 15 години со вклучен тригодишен грејс период и каматна стапка од 3,25 проценти, од „Фајнанс тинк“ оценуваат дека позајмување од билатерален партнер, занемарувајќи ја евентуалната политичка компонента, по поповолни услови од моментално пазарните, се чини како конструктивен чекор, иако каматната стапка на било кое позајмување моментално е повисока од остварувањето на економскиот раст во земјава.
Клучното прашање, според „Фајнанс тинк“, е искористувањето на овие средства во развојни цели и тоа за инвестициски проекти на компаниите кои допрва ќе се реализираат (односно овие средства да поттикнат инвестициски циклус наместо да додаваат средства на веќе направена инвестиција како што прави Законот за финансиска поддршка на инвестициите) и нови капитални проекти на општините, наместо за покривање на веќе настанати долгови од нерационално управување со локалните јавни финансии.
„Сепак, и покрај ваквиот контекст на билатералниот заем, обемот на потребно финансирање се зголемува како последица на значајното зголемување на фискалниот дефицит. За таа намена се предвидува и поголемо задолжување на домашниот пазар преку издавање државни хартии од вредност“,
велат оттаму.
Иако ликвидноста на домашниот банкарски систем е соодветна на макроекономските услови, сепак, како што оценува „Фајнанс тинк“, проширувањето на фискалниот дефицит во дел финансирано и од домашната ликвидност, крие дополнителен ризик од тоа фискалната експанзија да влијае каматните стапки во економијата да не може да се симнат во разумен период, што веќе отпочнало во повеќе економии во Европа и светот.