(ВИДЕО) Вечерва спектакуларно отворање на 33. Олимписки игри во Париз, безбедноста на највисоко ниво

Околу 45 000 полицајци, 10 000 војници и 2 000 припадници на приватно обезбедување ќе се грижат за безбедноста на парадата покрај реката Сена, нејзините брегови и околината, објави Ројтерс

Со уникатно шоу на реката Сена вечерва во 19:30 часот свечено ќе бидат отворени 33. летни Олимписки игри (ЛОИ) во Париз.

На Игрите ќе настапат 10 500 спортисти од 206 држави, кои ќе се натпреваруваат во 32 спортови, а прв пат во историјата ќе бидат поделени олимписки одличја во брејкденс.

Македонската олимписка експедиција ја сочинуваат шестмина спортисти – Дарио Ивановски (атлетика), Владимир Егоров (борење/ до 57 кг, слободен стил), Никола Ѓуретановиќ (пливање/ 400 метри слободно), Анастасија Мојсовска (стрелаштво/10 метри воздушна пушка), Еди Шерифовски (џудо) и Мила Рељиќ (таеквондо).

Знаменосци на свеченото отворање ќе бидат Дарио Ивановски и Мила Рељиќ.

Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).

Игрите официјално ќе ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, а на свечената церемонија најавено е присуство на околу 120 шефови на држави и влади и други функционери, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц и првата дама на САД Џил Бајден. Според весникот „Паризиен“, украинскиот претседател Володимир Зеленски нема да биде во Париз.

Засега не се знае кој ќе го запали олимпискиот оган, но според медиумите оваа чест ќе ѝ биде доделена на француската спортистка и трикратна олимписка шампионка Мари Жозе Перек или на фудбалската ѕвезда Зинедин Зидан.

Свеченостите ќе вклучуваат музички и танцови изведби, како и светлосно шоу со настап на 400 танчари и 3 000 уметници.

Невидени безбедносни мерки

Планирано е речиси 7 000 спортисти да пловат по реката Сена покрај најпознатите париски знаменитости, додека повеќе од 300 000 гледачи ќе ги следат од брегот.

Игрите се одржуваат во време на големи безбедносни ризици, односно во време на зголемени геополитички тензии.

Околу 45 000 полицајци, 10 000 војници и 2 000 припадници на приватно обезбедување ќе се грижат за безбедноста на парадата покрај реката Сена, нејзините брегови и околината, објави Ројтерс.

Франција е на највисоко ниво на безбедност, иако официјалните лица повторија дека нема посебна закана за церемонијата на отворање или за самите игри.

Како дел од големата безбедносна операција, властите ставија 155 лица под мерки за надзор кои строго го ограничуваат нивното движење според антитерористичките закони, пренесува Ројтерс.

Исто така, израелските натпреварувачи ќе бидат придружувани од елитни тактички единици, а овие натпреварувачи ќе имаат 24-часовна заштита за време на Олимпијадата, соопштија официјални лица.

Олимписката програма официјално почна во средата, а Игрите во Париз ќе траат до 11 август. 

- Реклама -