Костими, музички инструменти и други предмети позајмени од американската пејачка Тејлор Свифт ќе бидат изложени на привремената летна изложба во лондонскиот музеј „Victoria & Albert Museum“ (V&A).
Насловена „Taylor Swift, Songbook Trail”, изложбата се состои од 13 инсталации распространети низ неколку музејски галерии.
„Тоа е патување низ музејот. Тоа ги следи поглавјата од кариерата на Тејлор Свифт, а ние ги истакнуваме периодите и ги прикажуваме костимите што Тејлор ги носеше во различни простории на музејот“, изјави кустосот Кејт Бејли..
Бејли и нејзиниот тим добија пристап до личните архиви на Тејлор Свифт за да изберат предмети за театрално поставените инсталации, кои се сместени во внимателно курирани галерии кои се поврзуваат со моментите од кариерата на 14-кратната добитничка на Греми наградите.
Меѓу изложените предмети се каубојски чизми изработени по нарачка што ги носела младата Свифт на почетокот од нејзината кариера; периката и брадата што ги носеше во спотот „The Man“; репродукции на рачно нацртани скици за музичкото видео „Willow“ и златен микрофон со детали од змија што 34-годишната Свифт го користеше за време на нејзината стадионска турнеја „Reputation“.
Изложени се и укулелето на коешто Свифт свиреше на светската турнеја „Speak Now“ и капата што ја носеше на насловната страница на албумот „Red (Taylor’s Version)“.
„Тоа беше проект кој се движеше навистина брзо. Сакав да бидам сигурна дека можеме да изложиме костими, но и музички инструменти, предмети кои ја пренесуваат целата нејзина кариера и креативност. Ова е првпат да направиме ваква изложба. И првпат овие предмети можат да се видат во ОК. Значи, тоа е многу возбудливо и бесплатно“, додава Бејли.
Изложбата „Taylor Swift, Songbook Trail“ е поставена низ целиот на V&A од 27 јуни до 8 септември. Според музејот, целата изложбена патека може да се мине за 60 до 90 минути.