Концерт на Влатко Стефановски во Антички театар Охрид

Утре во 21.00 часот во Античкиот театар Охрид концерт ќе одржи Влатко Стефановски со неговите гости Дамир Имери, Иван Кукиќ, Јан Стефановски и Горан Папаз.

Влатко Стефановски е нашиот најпознат македонски рок, поп и џез музичар, основач на „Влатко Стефановски Трио“, и еден од основачите на групата „Леб и сол“ во која Стефановски бил гитарист, пејач, композитор и автор на текстови.

За време на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ снимила 12 албуми, една двојна компилација, и музика за различни намени: филмски и театарски претстави, како и телевизиски серии. Првите соло-настапи на Стефановски започнале во почетокот на 1990-тите, а заедно со Бодан Арсовски во 1990 година го издал првиот македонски компакт- диск, со музика за рок-балетот „Зодијак“. Во 1994 година, Стефановски го снимил својот прв самостоен албум, „Каубои и индијанци“.

Во 1993  година Стефановски работи на проектот „Сараево“, за потребите на претставата на Горан Стефановски, прикажана во театарот во Антверпен, во режија на Слободан Унковски. Потоа следува музиката за филмот „Џипси меџик“, во режија на Столе Попов,  а компакт-дискот се појавил во продажба во 1997 година и насловната песна од овој албум „Џипси сонг“ станува хит на Балканот.

Влатко е дел и од проектот „Balkan Horses“ во кој, покрај него учествувале и неколку еминентни музичари од Балканот, како: Теодосиј Спасов (Бугарија), Костас Теодору (Грција), Краси Желазков (Бугарија), Хакан Бешер (Турција), Емил Букур (Романија), Сања Илиќ (Југославија), Стојан Јанкулов (Бугарија) и Тамара Обровац (Хрватска).

Прочитајте и:  Влатко Стефановски вечерва со концерт на „Охридско лето“ одбележува пет децении музичка кариера 

Во 2001 година, Стефановски ја објавува компилацијата „Кино Култура“, на која место наоѓаат најинтересните музички теми од пет филмови: „Џипси меџик“, „Небесна јадица“, „Три летни денови“, „Самоуништување“ и „Пат кон сонцето“. На почетокот на 2002 година, на покана на хрватскиот режисер Вицко Руиќ, Влатко ја пишува музиката за неговиот втор филм „Серафин,син на светилничарот“.

Истата година, во текот на летниот период, тој настапувал во повеќе земји, во најразлични формации (со своето трио, со Мирослав Тадиќ, со Џибони итн.), а есента се посветил на снимањето на својот следен соло-албум. Во 2004 година, Стефановски и Мирослав Тадиќ го снимаат албумот „Трета мајка“ на кој гостува и бугарскиот музичар Теодосиј Спасов. Како последица на интересот на Стефановски за разни музички жанрови, тој гостува на албумите на повеќе групи и пејачи, како: хрватската група „Филм“, Жељко Бебек, Васко Серафимовски, Оливер Мандиќ, Бојан Зулфикарпашиќ, Вања Лазарова, Владо Јаневски, Џибони…  Во текот на својата долга музичка кариера Влатко Стефановски е добитник на повеќе награди, како: Естрадната награда на Југославија, Награда (за животно дело) Трајни вредности во Македонија,  Награда на Стериино позорје, за музиката во претставата „Ослободување на Скопје”, Три награди „Златен грамофон“ на фестивалот „Месам ’87“ и повелба на градот Чикаго.

- Реклама -