Нигериски уметник сака да го собори светскиот рекорд за најголем цртеж од поединец


Нигерискиот уметник Фола Давид има цел да го собори Гинисовиот рекорд за најголемо цртеж направен од поединец откако помина шест дена работејќи на своето дело на стадионот во финансискиот центар на Лагос.

Давид, кој инаку е лекар, изјави дека неговото уметничко дело насловено „Единство во различноста“ (Unity in Diversity), кое се протега на 1.050 квадратни метри и прикажува две огромни раце кои држат мапа на Нигерија, било наменето да го претстави културното наследство на земјата.

Нигерија, најнаселената земја во Африка, е составена од околу 250 етнички групи, главно поделени на муслимани и христијани, обременета со меѓуетнички и меѓуконфесионални тензии.

„На нашата различност треба да се гледа како на нешто што нè обединува, како нешто што нè зајакнува, наместо нешто што треба да создаде поделби меѓу нас“, рече Давид по завршувањето на своето дело во неделата навечер.

Гинисовата книга на рекорди е известена и ќе треба да ја провери неговата работа за да види дали може да го собори рекордот поставен во 2021 година од индискиот уметник Рави Сони со создавање на цртежот од 629,98 квадратни метри.

- Реклама -