Мицкоски: Патував со бизнис-класа поради здравствен проблем со колената

Во однос на патувањето на неговиот постар син во Вашингтон, премиерот рече дека имало можност да не го плати од сопствен џеб поради можноста за придружник на патувањето, но, како што вели, инсистирал патните трошоци за синот да ги плати од сопствени средства. Сето тоа, како што вели, ќе биде доставено до надлежните органи

Здравствен проблем со колената е причината поради која премиерот Христијан Мицкоски одлучил да патува во авионска бизнис-класа на дел од неодамнешното патување во САД каде што учествуваше на Самитот на НАТО.

Од патувањето на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон

Зборувајќи во вечерашното издание на емисијата Топ тема на телевизијата Телма, Мицкоски рече дека неговото патување во бизнис-класата било на прекуокеански релации и тоа Виена – Вашингтон и Њујорк – Виена. На летот од Скопје до Виена и обратно, како што рече, бил во економска класа.

„Кога патував од Виена до Вашинготн и од Њујорк до Виена патував со бизнис-класа бидјеќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-иот и 12-иот ред. Кога летав за Лондон (на самитот на Европскта политичка заедница, н.з.) седев помеѓу 11-иот и 12-иот ред од седиштата на компанијата ‘Аустријан ерлајнс’. И во минатото сум правел така и во иднина ќе така ќе биде“,

изјави Мицкоски во вечерашнтото гостување на Топ тема.

Во овој контекст премиерот кажа дека би сакал земјава да има пристојно летало за да не се користат услугите на комерцијалните авиокомпании.

„Ако како држава имавме пристојно летало, кога бев сега на самитот на Европскта политичка заедница , како што беа сите, вклучително и нашиот северен сосед Србија, влучително и, како што велите, мојот другар Орбан, Макрон, Шолц, Мицотакис, Радев – ќе отидев, ќе го завршев самитот и ќе се вратев. А, вака јас три дена бев на пат и постоеше можност да не се вратам поради интернет-проблемот којшто откажа повеќе од илјада летови во Европа. Да имавме пристојно летало ќе отидевме ќе се вратевме“,

додаде премиерот.

Освен за патувањето во бизнис-класата, во интервјуто за Топ тема премиерот беше прашан и за патувањето на постариот син во Вашингтон истовремено кога и државната делегација патуваше во САД за НАТО-самитот, за што Антикорупциската комисија веќе отвори предмет и го испитува случајот.

Мицкоски рече дека имало можност патувањето на синот да не го плати од сопствен џеб поради можноста за придружник на патувањето, но, како што вели, инсистирал патните трошоци за синот да ги плати од сопствени средства. Сето тоа, како што вели, ќе биде документирано и доставено до надлежните органи.

„Има институција којашто го истражува целиот случај, тоа е Антикорупциската. Сите потребни документи мислам дека сè уште не се, но во текот на утрешниот ден ќе бидат доставени. Да почекаме истите тие да излезат во јавност и да кажат. Ако има и еден милиметар отстапување, јас сум подготвен да сносам одговорност. Ако сум погрешил еден милиметар, подготвен сум да сносам одговорност, но ако не е така, бидејќи тоа е релевантна институција којашто треба да каже, тогаш да ми се извинат ако не сум погрешил милиметар“,

изјави Мицкоски.

Нека ме тепаат мене, рече Мицкоски, но децата и семејството нека ми ги остават.

- Реклама -