Прво обраќање на Камала Харис откако Бајден се повлече од претседателската трка

На обраќањето на настанот на кој беше отворено националното првенство во атлетика, каде што го заменуваше претседателот на САД, Харис оцени оти наследството што го оставил Бајден во изминатите три години е неспоредливо во модерната историја

Потпретседателката на Соединетите Американски Држави (САД), Камала Харис, ѝ се обрати на јавноста во своето прво јавно појавување откако претседателот Џо Бајден се откажа од претседателската трка и ја поддржа Харис да го замени како кандидат на Демократите на изборите во ноември.

Потпретседателката на САД, Камала Харис / Фото: EPA-EFE/TING SHEN

На обраќањето на настанот на кој беше отворено националното првенство во атлетика, каде што го заменуваше претседателот на САД, Харис оцени оти наследството што го оставил Бајден во изминатите три години е неспоредливо во модерната историја.

„Наследството на Џо Бајден во изминатите три години е неспоредливо во модерната историја. Тој во еден мандат го надмина наследството на повеќето претседатели кои служеа два мандати. Секој ден, нашиот претседател се бори за американскиот народ и сме длабоко благодарни за неговата служба за нашата нација“,

рече Харис.

Американскиот претседател Џо Бајден (81) во неделата објави дека се повлекува од трката за реизбор. По ова, тој ја поддржа американската потпретседателка Камала Харис за номинација за кандидат на Демократите на изборите.

Камала Харис, најверојатниот кандидат на Демократите на изборите в ноември, во денешното обраќање не ги спомена претстојните претседателски избори. Меѓутоа, вчера рече дека има намера да ја добие номинацијата на Демократите, да работи на обединување на Демократската партија и да победи во трката против Доналд Трамп.

„Ќе направам се што е во моја моќ да ја обединам Демократската партија и да ја обединам нашата нација за да го победиме Доналд Трамп“,

изјави вчера Камала Харис.

Демократската партија од 19 до 22 август во Чикаго ќе одржи конвенција на која и официјално ќе биде предложен кандидатот на партијата за претседател на САД.

- Реклама -