Дигитализирана книгата „Една деценија на ФК Вардар“ во чест на роденденот на клубот, 22 јули

На денешен ден, 22 јули 1947 година, основан е најтрофејниот и најуспешниот македонски фудбалски клуб, ФК Вардар. Токму на роденденот на клубот, НУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја збогати дигитална библиотека со ретка книга посветена на Клубот.

Публикацијата „Една деценија на ФК Вардар“ е објавена 1958 година во издание на самиот клуб, а ја уредиле Борис Поп Ѓорчев и Душко Малевски. На стотина страници можат да се најдат мноштво информации, куриозитети, сведоштва, фотографии, карикатури, статистики и разни други интересни содржини од првите десет години од постоењето на фудбалскиот клуб Вардар.

За љубителите на стари архивски материјали и ретро содржини, несомнено ќе бидат интересни и последните дваесетина страници исполнети со рекламни материјали. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја објавува книгата во нивната дигитална библиотека по иницијатива на македонскиот писател Иван Шопов, кој и самиот е навивач на Вардар, а го дигитализираше својот примерок до кој дошол дури неодамна.

-Потрагата по книгата „Една деценија на ФК Вардар“ беше долга и неизвесна, се покажа дека е многу потешко да се дојде до неа отколку што првично мислев. На крајот, кога речиси се помирив дека е невозможно да се најде, сплет на среќни околности направи книгата да ме најде мене. Како библиофил, голем љубител на македонски винтиџ содржини, но и навивач на ФК Вардар, бескрајно се израдував што конечно успеав да ја најдам оваа публикација. Затоа што знам колку е тешко да се дојде до неа, веднаш посакав да ја споделам со што повеќе читатели. Мило ми е што тоа се случува токму преку Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, едно од моите омилени места во Скопје. Ова нека биде симболично тегнење уши на ФК Вардар, роденденска честитка и желба да порасне голем. Посакувам да расте и (не само) дигиталната збирка на Градската библиотека. Секогаш кога ќе можам, и лично ќе придонесувам за тоа – вели Иван Шопов.

🔗🔗Линк до дигитализираното издание:

https://digitalna.gbsk.mk/items/show/420

- Реклама -