Вчера вечер на просторот од плажата кај некогашното синдикално одморалиште, со проекцијата на филмот “Те дуа, жими мене” и доделувањето на наградите во двете категории, заврши седмиот по ред ,,Beach Film Festival” – смотра на новиот европски филм.
Беше доделена наградата „Голем бран“ – за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ – за најдобро актерско остварување.
Во главната програма, беа прикажани шест долгометражни европски филмови и тоа: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот, беа прикажани и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и дела од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов.
На “Плажа -Сараиште”, се одржаа бројни проекции на филмови за деца , студентски филмови и кусометражни филмови од официјалната селекција, додека во Младински културен центар, беа одржани едукативните работилници.
Во музичкиот дел настапија бендовите Sioto Jazz и Xarakiri, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо SIZ.
На бродот „Армада“, на водите од Охридското Езеро имаше проекции на филмови особено интересни за публиката, меѓу кои и филмот ЦРВЕНО НЕБО, германски филм во режија на Кристијан Пецолд. Главни улоги: Томас Шуберт , Пола Бир , Лангстон Уибел , Ено Требс , Матијас Брант…Љубителите на седмата уметност имаа убава можност да видат еден прекрасен филм од најновата продукција на Германија пловејќи со брод по езерските води обоени со месечевата светлина.