Од следната година квотите на високообразовните установи ќе се дефинираат врз основа на анализа на пазарот на трудот и податоците од Агенцијата за вработување, посочува министерката за образование и наука Весна Јаневска во емисијата „Стадион“ на Канал 77, пренесува од Министерството за образование и наука.
Како што се наведува во соопштението, министерката истакнала дека годинава немало време да се интервенира во конкурсот, бидејќи тој веќе бил подготвен од претходното раководство, а поради краткиот рок новата Влада морало да го усвои.
Според Јаневска, на земјава не и требаат толку многу правници, наспроти наставници по математика, физика и хемија.
– Оваа година немавме време да интервенираме во конкурсот, бидејќи истиот веќе беше подготвен од претходното раководство, а поради краткиот рок новата Влада мораше да го усвои без можности за корекции. Но, анализата е почната. Одредени квоти мора да се редуцираат, на пример на Македонија не и требаат толку многу правници, а и требаат наставници по математика, физика, хемија и ние ќе ги стимулираме младите со стипендии да ги одбираат дефицитарни занимања, изјавила Јаневска.
Од МОН додаваат дека министерката размислува за воведување приемни испити на сите високообразовни установи, но за тоа дополнително ќе се дискутира.
Јаневска се осврнала и на буџетот за наука, кој Владата имала намера да го зголеми од сегашните 0,3 отсто од бруто домашниот производ на 1 отсто.
– Јаневска се осврна и на буџетот за наука, кој, како што рече, Владата има намера да го зголеми од сегашните 0,3 отсто од бруто домашниот производ на 1 процент и дека тоа етапно ќе се случува, се наведува во соопштението на МОН.