Вучиќ од Самитот во Лондон: Би сакал да видам порационален пристап

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред почетокот на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон изјави дека од клучно значење е да се зачува мирот, иако нема преголеми очекувања од Самитот, јави дописникот на МИА од Белград.

– Да видиме што е тоа од суштинско значење за нас во наредниот период да направиме во национален интерес, пред сè да го зачуваме мирот, да видиме како дополнително да ја подобриме нашата економија и тоа е од клучно значење за нас. Во рамките на тоа, ќе разговарам со нив, им рече Вучиќ на новинарите.

Тој кажа дека, сепак, неговите очекувања за сè останато не се преголеми.

– Се надевам дека барем можам да кажам дека би сакал да имам порационален пристап и дека мирот е важен за нас, а многу луѓе не го мислат тоа, не разбираат, не гледаат или мислат дека војната е неопходно да продолжи до целосен пораз на некој друг. Тоа е нешто што предизвикува огромна штета на сите во Европа, не сум сигурен дека тоа ќе биде одобрено од сите други, но тоа ќе биде ставот на Србија, изјави Вучиќ.

Тој порача дека Србија сака мир и економски напредок и дека во рамките на тоа ќе постапува.

- Реклама -