Џек Блек ја откажа турнејата на неговиот бенд „Tenacious D“ по невкусните коментари за атентатот на Трамп

Актерот и музичар Џек Блек го откажа остатокот од турнејата на неговиот бенд „Tenacious D“ Кајл Гас имаше невкусен коментар за обидот за убиство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Инцидентот се случи за време на нивниот настап во Сиднеј, Австралија во неделата кога Гас дуваше свеќи за неговиот роденден и беше побарано од него да си замисли желба. Тој тогаш одговори „Не го промашувајте Трамп следниот пат“.

На Инстаграм, Блек сподели дека бил изненаден од ваквиот коментар и рече дека не поддржува говор на омраза и не поттикнува политичко насилство во било каква форма. Според него, во овој момент не би било соодветно да продолжи светската турнеја на „Tenacious D“ и дека останатите креативни планови на бендот се стопирани.

Тој исто така додаде дека е благодарен за поддршката и разбирањето од фановите.

Со извинување на социјалните мрежи се јави и Гас кој рече дека неговата шега била лошо импровизирана, несоодветна, опасна и страшна грешка.

„Не поддржувам насилство од било каков вид, во било каква форма, против било кого. Тоа што се случи е трагедија и навистина ми е жал за мојата лоша проценка. Искрено се извинувам на тие што ги разочарав и жалам за болката што ја предизвикав“ напиша Гас.

Иако поголемиот дел од фановите кои беа присутни на концетот во Сиднеј се смееја на ваквата шега на Гас, на социјалните мрежи реакциите беа многу поинакви, а дури и сопственикот на X, Илон Маск напиша дека ваквиот коментар бил злобен.

Австралискиот сенатор Ралф Бабет дури и побара бендот да биде депортиран од Австралија бидејќи посакале Доналд Трамп да биде убиен.

- Реклама -