(ГАЛЕРИЈА) Откриен македонскиот студентски болид што ќе оди на светски натпревар во Хрватска

Креативноста и знаењето не познаваат граници, а проследени со упорност и континуирана работа, може да доведат до фасцинантни резултати. Тимот од дваесетина студенти обединети под името MES Racing од Машинскиот факултет и ФЕИТ при УКИМ, континуирано работеа на изработка на првиот македонски болид. Успеаја во нивната цел – болидот вчеравечер официјално беше претставен пред јавноста, а студентите летово во Хрватска ќе се најдат како учесници на натпреварот Формула Студент – Алп Адриа.

Црниот тркачки болид, кој синоќа изгледаше уште повпечатливо со неон-виолетовите светла и кој ќе ја краси хрватската „Римас Бугати“ тест стаза, е дизајниран за максимална аеродинамична ефикасност. Болидот ќе биде предводен од бројот 282, кој, заедно со логото на УКИМ, се наоѓа на неговиот преден дел.

фото: Мета.мк

Студентите започнаа со изработка на тркачкиот автомобил во февруари годинава и, покрај финанските пречки со кои се соочиле, благодарение на спонзорствата од приватниот сектор и помошта од Универзитетот и Факултетот, целосно ја реализираа својата идеја и визија.

фото: Мета.мк

По прецизните испитувања, формулата е готова, вели за Мета.мк Димитар Алжуроски, дел од тимот на MES Racing. Сега, следната фаза, пред натпреварот во август, е тестирањето.

На светскиот натпревар Алп Адриа се испитуваат инженерските знаења на студентите, а потоа се пристапува кон поинтересниот дел – трката. Планот за натпреварување со овој болид засега е само за на хрватско тло, а студентите се надеваат следната година да земат учество и во Романија, но и во други држави кои организираат слични натпревари.

„Како за прва година, цел ни беше да се избориме да стигнеме до финансии, не беше лесно, не ни беше сè дадено во раце, но се изборивме, стигнавме до тука и успеавме“, вели Алжуроски.

Студентите за време на откривањето на болидот им се заблагодарија на сите кои ги поддржаа во изработка на првиот македонски тркачки автомобил и изјавија оти очекуваат одличен резултат.

„Ова ќе биде гордост за Македонија и за сите вас кои ве има на логоата и ве има во нашите срца“, рекоа студентите.

фото: Мета.мк

фото: Мета.мк
фото: Мета.мк

Извор: https://meta.mk/galerija-otkrien-makedonskiot-studentski-bolid-shto-kje-odi-na-svetski-natprevar-vo-hrvatska/

- Реклама -