Прославата на празникот „Свети Архангел Гаврил” на 26 јули е почитувана и негувана традиција за жителите на гостиварското село Тумчевиште. Во пресрет на манастирската слава и свечениот ден за селото, Црковниот одбор ги прави подготовките и упати покана до граѓаните да се придружат на одбележувањето.
„Повелете на нашата возвишено-восхитна манастирска слава и споделете ги миговите на врвно духовно задоволство, лична христијанска среќа и внатрешна исполнетост. Ајде да се збереме во мигот возвишен. Да и се насмевнеме на среќата која со среќа ќе ни врати и ќе ги исполни нашите срца со православна благородност и блажена светлина. А, светлината е животот во бескрајноста на вечниот пат до спокојот и сонот кој ја крепи секоја мисла и секој ниет. За многу години манастирската слава „Свети Архангел Гаврил”, нашата вера и вечно да ни векува нашата Македонија, тоа парче библиска земја во срце што го носиме и со кое севезден се гордееме!“, се вели во поканата.
Прославата ќе започне во 9 часот со осветување на славските погачи, по што ќе се приреди братско-сестринска трпеза на љубовта. Одбележувањето ќе продолжи со заедничка културно-уметничка веселба и настап на музичката група „Индекси”.