Директорот на Клиниката Реџеп Мемеди денеска во телефонски разговор за „360 степени“ само кусо одговори дека откако комисијата ќе заврши со разгледување на случајот тогаш ќе излезат со информации во јавноста
Случајот со тримесечното бебе за кое семејството тврди дека е малтретирано од медицинска сестра од Клиниката за детски болести и се здобило со модринки по телото се разгледува од стручна Комисија при Клиниката.
Директорот на Клиниката Реџеп Мемеди денеска во телефонски разговор за „360 степени“ само кусо одговори дека откако Комисијата ќе заврши со разгледување на случајот тогаш ќе излезат со информации во јавноста.
„Кога Комисијата ќе заврши, дали тоа ќе биде денеска, утре или задутре, ќе испратиме информација“,
рече Мемеди.
Во телефонскиот разговор, кој Мемеди го прекина, не успеавме да добиеме одговор дали медицинската сестра го поднела својот исказ и дали таа овие денови е присутна на работното место.
Исто така, од Мемеди нема одговор и околу изјавите на вработени во Клиниката кои велат дека бебето имало наод за тромбоцитопенија – медицинска состојба од која се појавуваат модринки на телото.
Денеска од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“, околу актуелните случувања на Детската клиника, а „во врска со тврдењата за нестручно однесување на медицинска сестра со новороденче“, рекоа дека очекуваат случајот што побрзо да се расветли со релевантни факти и аргументи, и апелираат да не се фрла дамка врз достоинствното на сестринската професија.
„Очекуваме релевантни факти и аргументи во случајот со бебето на Детската клиника, во моментов не согледуваме вина кај медицинската сестра. Ќе се воздржиме, додека да ги добиеме релевантните аргументи од комисијата што ќе го разгледува случајот. Веруваме во институциите и во Министерството за здравство дека правилно ќе се расчистува случајот“,
рече Гордана Бешлиовска во денешната изјава за медиумите.
Од Независниот синдикат на здравствените работници на медицинската сестра и понудија бесплатна правна помош. Од таму велат дека не треба никому да се суди предвреме, туку да се сослушаат сите засеганати страни во случајот и да се почека на заклучокот на Комисијата.
Формирањето на комисијата во саботата го најави директорот на Клиниката за детски болести.
„Комисијата ќе донесе заклучоци согласно утврдените факти. Ќе ги слушнеме двете страни секако и ќе преземеме мерки. Таа (н.з. медицинската сестра) има свој исказ што ќе го поднесе и во писмена форма. Кога е земено детето за да се боцка за анализи, во текот на боцкањето обично работат две сестри – едната држи за да не мрда детето. Притоа дали намерно или ненамерно, не можеме да тврдиме, се гледа дека има нанесено модринка“,
изјави Мемеди.
Министерот за здравство Арбен Таравари заедно со директорот на Клиниката го посетија семејството на детето. Оттаму Таравари потврди дека тоа е повредено и оти има модринки по рацете. Рече дека ќе се преземат мерки против секој кој постапил несоодветно.
Случајот со бебето кое се здобило со повреди за време на престојот на Клиниката за детски болести вчера го објави порталот „Икс“.