„Влен“ ќе има седум заменици-министри, Ељфете Исмаили во одбрана, а Фљакрон Беџети во земјоделство

Министерот за здравство и дел од коалицијата „Влен“, Арбен Таравари денеска информира дека нивната коалиција во Владата ќе биде претставена со седум заменици-министри. Тој ги соопшти само имињата на двајцата заменици-министри кои се од Алијанса за Албанците, за кои рече дека веќе поминале на Централното претседателство на партијата.

-За „Влен“ знам дека има седум заменик-министри. На Алијансата за Албанците му припаѓа заменик-министерското место во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за одбрана. На другите партии од нашата коалиција им припаѓаат Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Министерството за спорт, Министерството за образование и наука и Министерството за култура и туризам. Заменик-министерка во Министерството за одбрана ќе биде Ељфете Исмаили, а заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети, изјави Таравари по средбата со деканот на Медицинскиот факултет проф. д-р Светозар Антовиќ.

Претходно, и другите три партии од Коалицијата „Влен“ ги соопштија имињата на предложените кандидати за заменици-министри. „Беса“ го предлага Седат Сулејмани за заменик-министер во Министерството за култура и туризам. „Алтернатива“ ја презеде функцијата заменик-министер во новото Министерство за спорт, каде ја предложија поранешната пратеничка Сафие Садики Шаини, а за заменик-министер во Министерството за образование и наука беше предложен проф. д-р. Љуљзим Аљиу. Демократското движење на Изет Меџити има двајца заменици министри и тоа во Министерството за внатрешни работи е предложен Муамет Амети и за транспорт и врски – Каљтрина Зеколи.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

ЗНАМ – За наша Македонија вчера едногласно ги утврдила кандидатите за двајца заменици министри во Владата – за заменик-министер за енергетика и рударство е предложен Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротехника и информациски технологии, кој има работно искуство во неколку корпорации на различни позиции, а за заменик-министер за дигитална трансформација од ЦО на ЗНАМ е предложен Радослав Настасијевиќ Варџиски, магистер по економски науки, отсек маркетинг и менаџмент, роден во Куманово каде извршувал неколку функции во Општината.

Како што информираа партиите, новите заменици-министри се очекува да се изгласаат по враќањето на премиерот Христијан Мицкоски од САД, односно од 20 до 23 јули.

- Реклама -