Одбраната на Мерко побара отфрлање на обвинението за луксузното „aуди“ оти било застарено, судот го одложи рочиштето

„Одбраната и Јавното обвинителство истакнаа предлози во однос на кои судот мора да провери, особено во однос на предлогот на одбраната со кој бара судот да донесе решение во поглед на тоа дека е настапена застареност на кривичното гонење“, истакна судијката Надица Митреска

Зградата на Основниот суд Струга / ФОТО: Архива

Главната расправа во судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра е одложена поради потребата од време судот да ги разгледа предлозите на одбраната која вели дека е настаната застареност на кривичното гонење.

„Одбраната и Јавното обвинителство истакнаа предлози во однос на кои судот мора да провери, особено во однос на предлогот на одбраната со кој бара судот да донесе решение во поглед на тоа дека е настапена застареност на кривичното гонење“,

истакна судијката Надица Митреска.

Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство Струга, Никола Јолески, побара судот да ги отфрли предложените докази од одбраната со образложение дека се нејасни и нецелосни и оти ќе придонесат за одолговлекување на постапката.

Адвокатот на обвинетиот, Игор Петкоски, побара судот да го одбие обвинителниот предлог, бидејќи, според него, рокот за обвинение изминал.

„Обвинителниот предлог до Основниот суд во Скопје од страна на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е поднесен на 28 февруари 2024 година до Основен кривичен суд Скопје, со кој обвинетиот се товари за дејствија од 2018 година, што значи изминале повеќе од пет години и судот требало согласно член 337 од Законот за кривична постапка, да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот предлог“,

рече Петкоски.

Процесот во Основниот суд во Струга ќе продолжи на 2 септември со сослушување на десеттина сведоци предложени од одбраната.

Обвинението против Рамиз Мерко го поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по подолга истрага.

Предметот бил отворен по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Инаку, Мерко ќе се гони согласно измените на КЗ кои претрпеа измени на 6 септември минатата година.

Според ставот 4 од Кривичниот законик, за делото за кое ОЈО ГООК го товари Мерко, е предвидена затворска казна од една до пет години.

Антикорупциска предметот против струшкиот градоначалник го отвори во мај 2019 година, а една година подоцна поднесе иницијатива до Обвинителството за негово кривично гонење. Иницијативата на Антикорупциска, во најголем дел ги содржела наодите на Државниот завод за ревизија во врска со истиот случај.

Заклучоците на Антикорупциска беа дека Мерко ги злоупотребил службената положба и овластување со набавката на четири возила во вредност од 114 000 евра. Меѓу нив беше и набавката на луксузното „ауди“ во вредност од 67 000 илјади како службено возило за градоначалникот.

Она што беше спорно со набавката беше и тоа што таа беше реализирана додека Општината работеше со блокирана сметка поради долгови, за што Владата, како и за други општини со идентичен проблем, префрлаше средства од централниот буџет за покривање на долговите.

Името на Рамиз Мерко во јавноста се реактуализира минатото лето кога американскиот Стејт департмент го стави на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција.

Против струшкиот градоначалник, Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинение и дека пред две години незаконски именувал в.д. директор на основно училиште во селото Лабуништа.

Според Обвинителството, против Mерко е поднесен обвинителен предлог, односно предметот ќе оди по скратена постапка, за кривичното дело несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Ставот 1 за ова кривично дело предвидува затворска казна од три месеци до три години.

- Реклама -