Филипче: Мицкоски заборави да каже која земја ќе ја претставува во Вашингтон – Северна Македонија или никогаш Северна само Македонија

Според лидерот на СДСМ, политиката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер достигнала неверојатни граници на лицемерие

Мицкоски заборави да каже која земја ќе ја претставува заедно со неговите министри во Вашингтон – Северна Македонија или како што им ги подгреваа очекувањата на граѓаните никогаш Северна само Македонија.

Вака, меѓу другото, реагира лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на видеообраќањето на премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон во кое кажа дека со дел од министрите ќе учествува на самитот на НАТО по повод 75-годишнината од формирањето на Алијансата.

Венко Филипче, претседател на СДСМ / Фото: Архива

Според Филипче, политиката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер достигнала неверојатни граници на лицемерие.

„Човекот кој жолчно работеше против членството во Алијансата и целата своја политичка стратегија ја базираше на блокада на тој процес, денес без грам срам се однесува како ништо да не било. Мицкоски да не заборава дека тоа што денес е на најважниот политички настан во светот, а не во некој од месните штабови на ВМРО-ДПМНЕ, е благодарение на храбрите и државнички одлуки на СДСМ, кој тој ги бојкотираше“,

пишува Филипче во објава на Фејсбук.

Филипче вели оти не е далеку денот кога Мицкоски „целосно ќе се накити со перјата во надворешната политика“ исто како што прави и со инвестициите кои, како што вели, се плод на работата на СДСМ.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно во текот на денот ѝ се обрати на јавноста преку видеоснимка во која информира дека заедно со министрите за надворешни, внатрешни работи и одбрана е дел од делегацијата која во моментов е во САД по повод одржување на самитот на НАТО.

- Реклама -