Тошковски најавува бескомпромисна борба со нелегалната трговија со дрога

Само во последните два дена, информира министерот за внатрешни работи, во низа акции во неколку града се приведени повеќе лица за трговија со дрога

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека МВР со сите свои расположливи ресурси ќе започне, како што вели, бескомпромисна борба со нелегалната трговија со дрога.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи / Фото: „360 степени“

„Нема да застанеме сè додека и последната улица не биде исчистена од ова зло. Нема да има пардон за секој што се занимава со таков криминал или кој било вид криминал. Законот мора да важи еднакво за сите“,

пишува Тошковски во објавата на Фејсбук.

Министерот информира дека на оперативно ниво се дадени насоки и се направени планови за постапување за кое најави дека ќе се интензивира во претстојниот период. Во последните два дена, вели Тошковски, во низа акции во неколку града се приведени повеќе лица за трговија со дрога.

„Апсење во Чаир и Кочани, претреси на повеќе локации низ државата. Пронајдени се марихуана, бела прашкаста материја, пари, дигитални ваги. Случаите се расчистуваат и по целосно документирање ќе следуваат соодветни поднесоци“,

додава министерот во фејсбук-објавата.

Министерот за внатрешни работи периодов во повеќе наврати говореше за достапноста на дрогата во земјава за која оцени дека во последните неколку години достигнала алармантно ниво.

- Реклама -