Иако високи функционери на Демократската партија јавно го поддржуваат Бајден, сепак, според американските медиуми, по дебатата со Трамп расте нервозата кај поддржувачите и донаторите, кои го критикуваат блискиот круг на претседателот, поради недоволната транспарентност за неговото здравје
Претставникот на Американската демократска партија од Тексас, Лојд Догет, е првиот што го повика претседателот на Соединетите Американски Држави, Џo Бајден (81), да се повлече од трката за претседателските избори, како причина наведувајќи го, како што рече, неговиот катастрофален настап на неодамнешната дебата против републиканецот Доналд Трамп.
„Се надевам дека ќе донесе тешка и болна одлука да се повлече. Го повикувам да го стори тоа“,
рече тој.
Според него, Бајден ја спасил демократија во САД, со тоа што, како што рече, ги избавил од Трамп во 2020 година.
„Но, не смее да нѐ предаде на Трамп во 2024 година“
вели Догет.
Белата куќа со месеци ги отфрла прашањата за физичките и менталните способности на американскиот претседател.
Иако високи функционери на Демократската партија јавно го поддржуваат Бајден, сепак, според американските медиуми, по дебатата со Трамп расте нервозата кај поддржувачите и донаторите, кои го критикуваат блискиот круг на претседателот, поради недоволната транспарентност за неговото здравје.
Пред неколку дена новинар директно го праша Бајден дали планира да се повлече од претседателската трка. Бајден, пак, само го погледнал, се свртел и без да одговори излегол од просторијата каде што ја држел прес-конференцијата.