Франс прес: НАТО утре официјално ќе го номинира Марк Руте за нов шеф

Се очекува 57-годишниот Руте да ја преземе функцијата генерален секретар на НАТО на 1 октомври, кога ќе го замени Норвежанецот Јенс Столтенберг, именуван во 2014 година и чиј мандат беше обновен четири пати

НАТО утре официјално ќе го номинира холандскиот премиер Марк Руте за свој шеф, објави Франс прес повикувајќи се на дипломатски извори.

Амбасадорите на 32-те земји членки на НАТО треба да ја потврдат оваа номинација на состанокот на Северноатлантскиот совет, изјавиле за Франс прес повеќе дипломати од Брисел.

Патот за Руте беше отворен минатата недела по повлекувањето на кандидатурата на романскиот претседател Клаус Јоханис.

Се очекува 57-годишниот Руте да ја преземе функцијата генерален секретар на НАТО на 1 октомври, кога ќе го замени Норвежанецот Јенс Столтенберг, именуван во 2014 година и чиј мандат беше обновен четири пати.

Руте ќе ја води Алијансата во свет полн со политичка несигурност од двете страни на Атлантикот и со Украина во војна. Покрај конфликтот во Украина, тој би можел да се соочи и со новото претседателство на Доналд Трамп доколку американскиот милијардер, многу критичен за улогата на НАТО, се врати во Белата куќа по ноемвриските избори.

- Реклама -