Владата на Косово денеска го одобри пакетот санкции против Исламската Република Иран и новиот пакет санкции против Руската Федерација, јави дописникот на МИА од Приштина.
Заменичката-министер за надворешни работи, Лиза Гаши на седницата на Владата рече дека санкциите се координирани со Соединетите Американски Држави, Европската Унија и другите сојузници.
– Пакетот санкции против Исламската Република Иран (е насочен) кон лица и субјекти вклучени во активности на нуклеарни и балистички ракети и лица и етнички групи кои даваат поддршка на владата на Иран, рече Гаши.
Новите санкции против Русија, пак, се поврзани и со смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални.
– Во продолжение на поддршката и во согласност со санкциите на ЕУ, предлагаме спроведување на 12-тиот и 13-тиот пакет санкции на ЕУ за поткопување и нарушување на територијалниот интегритет на Украина и кршење на правата во Руската Федерација, кои се тесно поврзани со убиството на рускиот опозиционер Навални, рече Гаши.
Косово е дел од западните земји кои ја санкционираа Русија поради војната во Украина од нејзиното започнување во 2022 година.