Интервју со Лео Голчев, „Tengri“: Сите овие 20 години се посвета за вас, сeкој од вас

Две имиња се издвојуваат во психоделичната транс сцена со нивните извонредни придонеси и трајното наследство. „Atriohm“ и „Tengri“, пионерите кои го обликуваа звучниот пејзаж на форест псајтрансот, како и инспирираа безброј уметници и фанови, оваа година ја слават својата 20-годишнина. За да го доловам оваа значајнo достигнување, разговарав поединечно со „Atriohm“ и со „Tengri“, осврнувајќи се на нивното заедничко музичко патување, различните креативни процеси и еволуцијата на психоделичниот транс.

Придружете ни се додека се нурнавме во тие приказни, откривајќи ја нивната страст и посветеност, кои ги ставаат во првите редови на жанрот во последните две децении.

Во оваа специјална пригода, имав чест да соработувам со Лео на колаборациската трака  „Armonika“ на неговиот последен јубилеен албум. Дополнително, правев мастеринг на темата „Window Seat“ на EP-то на Саше и придонесов за мастерингот за неговото издание „Atriohm – RMXs“, објавено на Bandcamp.

Здраво Лео, прво честитки за 20-годишнината, од Atriohm“ преку „Tengri“ како чил проект, па враќање на псајтранс, се до новороденчето Kazan. Но, твојата професионална музичка кариера започнува 10-ина години порано со пауер-поп триото „Студени Нозе“. Aјде малку раскажи ни за транзицијата, како доаѓате до транс звукот и кога решавате да го започнете Atriohm? Во некоја од песните на Студени Нозе може да се начуе гоа влијание, како на пример во „Во Парк, дали во тоа време веќе размислуваш за започнување на транс проект, или?

Случајно се поклопува завршувањето на групата „Студени Нозе“ со почнување на псајтранс движењето кај нас. Често одевме на журки, паметам дека тогашните диџеи пуштаа разнолика електронска музика во нивните сетови, од тука е и влиајанието на електронскиот звук во некои од песните на „Студени Нозе“. Од некаде ми улета некое ЦД снимено со гоа-транс музика, бев тотално фасциниран, како некој кој има голема страст за синтисајзери, а во тоа време поседував неколку, одма почнав да пробувам да го имитирам тој звук.

Во истиот период случајно завршив на псајтранс журка во соседна Грција со блиски пријатели кои подоцна почнаа да ги прават првите журки кај нас. Почнав со псајтранс и чилаут диџеј сетови во 1997 година, во 2000 година успеавме со брат ми да склопиме аматерско студио и од тука почнува „Atriohm“ прикаската.

Atriohm

Знам дека си убер Золод фан, сме ги спомнале низ муабети и Digital Talk“ и Xeno, со друго влијае на раниот Atriohm звук? Дали се трудите да му дадете насока на проектот во самиот старт или тој длабок форест звук ви доаѓа природно/спонтано?

Золод секако до денешен ден е инспирација, а покрај „Digital Talk“ и „Xenomorph“, тука се и „Jahbo“, „Grapes Of Whath“, „Kindzadza“, „Para Halu“, со првите изданија генерално. „Parvati“ звукот ни беше огромна инспирација понатака и „Derango“ и се’ што излегуваше од „Sanaton Records“, многу слушавме и чилаут музика. Од инспирацијата не се бега, сите тие влијанија оставаат печат на нашиот звук, но никогаш не сме се стремеле кон тоа да звучиме некако, само правевме тоа што ни се допаѓаше спонтано и без оптеретување да припаѓаме кон некој жанр.

Ред е за некој збор за „Ukalen“, објавен за „Parvati“ во 2009 година. „Ukalen во тоа време e поим за македонскиот звук, често се врзува за Галичник, руши стандарди, поставува нови граници, за многумина почеток на една нова доба за dark/forest музиката. Како се чуствувавте додека работевте на албумот и како се чувствувате денес после се’ тоа што го достигна изданието?

Ukalen“ албумот е правен во Галичник со минимална опрема, во тоа време немавме ни студиски монитори. Можам да ти кажам дека со голем ентузијазам е работено на албумот, но до последно не бевме сигурни дека тоа што го правиме е доволно добро, ни од далеку не помислувавме дека ќе стане еден од култните албуми во оваа музика и дека ќе оформи нов правец во форест звукот.

Во пикот на Atriohm решаваш да престанеш со трансање, излегуваш од Atriohm и почнува Tengri прикаската, но овојпат сосема нов концепт, само чил, за еден од нај „hot лабелите во тоа време. Што беше причината за оваа голема промена?

Неколку причини има за моето излегување од „Atriohm“, прво брат ми Саше се пресели во друга држава и тука се прекина процесот на работење кој го имавме, во исто време се осетив презаситен од интензивните патувања, па така решив да прекинам со патувања, но не и со правање музика. Чалаут музиката секогаш ме привлекуваше, можеби и повеќе од транс звукот. Првичната идеја ми беше да правам чилаут музика и да ја ставам за слободно спуштање на интернет, но многу случајно „Ajja“ и „Master Marherita“ ja слушнаа и решија да ја издадат за нивниот лабел „Peak Records“, така настанува „Ikaros“ албумот.

Tengri

Tengri ќе прерасне во еден од најголемите чил проекти, огромен број изданија, колаборации со некои од најзначајните имиња на сцената и за мене лично, кулминацијата Ukalen Revisited. Коментар?

Колку и да сакаш да избегаш од себе е невозможно. „Tengri“ проектот стана премногу голем така што беше неизбежно да се вратам во лупот на патувања и гостувања по фестивали низ целиот свет. Идејата за „Ukalen Revisited“ беше да се оживее албумот преку нов пристап кој сам по себе претставуваше голем предизвик, не е едноставно да се прават ремикси на ваков култен албум. Од овој аспект сум супер задоволен од тоа како излезе, мислам дека како албумот, така и ремиксите се безвременски.

На големо изненадување за многумина, „Tengri“ прераснува во транс проект со Old Soul даркерко-утрински албум, атмосферичен, длабок, а сепак мелодичен до солзи. Како го смени мајндсетот од чил пак назад на транс? Знам дека работиш доста брзо, си поставуваш рокови, дали и овој пат се’ одеше брзо и глатко, или?

Тоа што ме држи 20 години како продуцент се предизвиците кои си ги поставувам и концептот се’ што правам да звучи различно од претходното. Не работам толку брзо колку што многу долги саати поминувам во студио. Секојдневно, раота во просек по осум саати и не отстапувам од проектот што сум го поставил додека не го завршам. Секогаш барам нешто ново за да не станам досаден на себе си и на публиката. После многу години работење само чилаут музика, следниот предизвик беше псајтранс албум кој сакав да звучи како ништо што претходно сум работел, без предрасуди околу стилови и дали ќе припаѓа на одреден лабел. Резулататот беше „Old Soul“ албумот кој излезе за мојата матична куќа „Parvati Records“.

https://youtube.com/watch?v=vKEZd0l7SDE%3Fsi%3DTgd6eSlYy9gVqaNp

Tengri e супер успешен на двата фронта, свириш често, има изданија, но не те држи место… Ќе го најавиме ли малку и „Kazan“?

„Kazan“ е мојот нов проект, „музика за зајдисонца“ е мојата водечка инспирација. Музика на 140 BPM-а, меланхолична, мелодична, длабока, а сепак психоделична. Оваа година ќе излезат 2 EP-a со по 4 траки. Едвај чекам да го претставам „Каzan“ проектот пред публика на подиум, live сетот го работам и е скоро готов.

Пред некое време влезе во дупката без дно, позната како „Eurorack“ модулар. Колку голема улога игра во твојата музика и како го користиш? Кога сме веќе кај продукција, ќе споменеш некои фаворит техники, плагини, што те инспирира во моментот?

Долго време се мислев дали да влезам во прикаската „Eurorack“, како што сам кажа ова е дупка без дно и воедно е сериозна инвестиција. Сфатив дека тоа што би сакал да го правам со модуларот е нешто што не можам да го добијам како звук со ниту еден друг сајзер. Мојот концепт беше да направам машина само за „weird self generating atmospheres and fx“. Со неколку грешки во модули хаха, во моментов имам модулар кој го употребувам во секоја трака и ми претставува бесконечна инспирација. Тоа што најмногу користам во моментов покрај „Eurorack“ модулар, e „Access Virus“, „Korg Wavestate“ и „Behringer Neutron“.

Што е наредно во твојат богат репертоар? Имаш некоја нова замисла?

Во моментов се осеќам испразнет после „Tengri“ албумот и „Kazan“ новите траки, па летово ќе направам пауза од студио после долго време. Во меѓувреме се гледаме на подиум!

И некој збор за крај, порака до читателите?

Сите овие години се посвета за вас, сите вас. До оние кои ме поддржуваат и ја купуваат мојата музика, до оние кои ме букираат и ме носат да ја свирам мојата музика низ светот, до оние кои молчат, до оние кои го извикуваат моето име, до оние кои танцуваат низ ноќта, до оние кои ги „хамкаат“ моите траки во нивниот секојдневен живот… Ви благодарам… Без вас, мојата музика би била само празна тавтологија.

Многу љубов, Лео

Автор: Андреј Љатковски – Hermit
Уредник: Бојан Шашевски
 – Шаше

Извор:„https://www.radiomof.mk

- Реклама -