Неуморен автор! Гостиварецот Кипроски промовира уникатна и ретка монографија

Во манастирот „Свети Јован Бигорски“ денес беше промовирано најновото дело на новинарот, патеписец и публицист од Гостивар Киро Кипроски – монографијата „Светот без Македонија не е цел“. Книгата, 13-та по ред, е круна на богатата новинарска кариера на овој неуморен автор.

„Сите досетки на коишто сум присуствувал автентично сум ги пренесол, како што биле. Секоја страница во оваа книга има своја историја, своја приказна и сите се интересни случки коишто денес се поучни, секој може нешто да извлече од тие големи мислители.“, кажа авторот.

Монографијата од околу 300 страници е поделена во два дела. Првиот: Забележано необјавено и вториот: Наш став, каде се содржат текстови објавени во редакциски колумни на весникот Нова Македонија.
„Пред нас е уште едно книжевно дело од богатиот творечки опус на Киро Кипроски. Низ богатата ризница на новинарот, има текстови кои го привлекуваат вниманието на читателот, како на пример текстот за мијачките корени на Блаже Конески, прв текст кој со задоволство го пласирав во Нова Македонија. Следуваат текстови посветени на академиците Поленаковиќ, Ацо Шопов, Радован Павловски, Томе Серафимовски и многу други.“, рече меѓудругото рецензентот Марјан Велевски – главен и одговорен уредник на Нова Македонија.

Уредничката на монографијата Светлана Вељановска – декан на правниот факултет во Кичево и авторот на делото на промоцијата нагласи:
„Текстовите се пишувани во негов препознатлив стил, кој сите сме го читале во децениите наназад. Ова е сериозна публикација и по обем и по содржина во која се наоѓаат и текстови кои авторот од најразлични причини не ги понудил за објавување во медиумите, весник, радио или списание, а сепак настанот му привлекол внимание.“.

Книгата е уникатно и ретко издание по форма и содржина, опфаќа период од повеќе од еден век и третира теми од историјата, географијата, економијата, социјалната култура, занимливости, анегдоти…

Текстовите откриваат многу непознати занимливи содржини, хумористични и сатирични, за состојбите во Македонија и светот.

Книгата е посветена на 75-тиот роденден на Кипроски.

Извор