На 30- ти мај во 20:00 часот во КСП Центар – Јадро, премиерно ќе се прикаже краткиот филм „Вештини за оживување“, уметнички проект чија авторка е Клелија Живковиќ, кој се занимава со оживувањето како вродена карактеристика која нѐ обединува нас луѓето со остатокот од живиот свет.
„Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува. Зошто се умртвуваме? За кого се згрчуваме? Што ќе се случи ако избереме целосно и бунтовно да оживееме? Ова се дел од прашањата кои непрекинато си ги поставувавме работејќи на проектот„ се вели во најавата за филмот.
„Вештини за оживување“ произлезе од здружениот труд и визија на прекрасниот тим учесници и ко-автори: Христина Крстеска, Крсто Глигорјадис, Никола Игновски, Магдалена Таневска.
Музиката е на Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ. Директор на фотографија и камера е Гоце Лалковски, монтажа Бисера Михајловска, а костимите се на Магдалена Таневска.
Учесници и ко-автори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска. Во периодот од три месеци, петчлениот тим го истражуваше сопственото и колективното оживување преку работилници базирани на методи инспирирани од изведувачките уметности. Секој од членовите на тимот дефинираше своја „вештина за оживување“ – одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее.
„Отфрлајќи ја заблудата дека, да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница. Како краен исход од овој процес произлезе уметничкото видео „Вештини за оживување“ кое премиерно ќе биде прикажано во КСП Центар Јадро в четврток, со почеток во 20:00 часот„ – се вели во најавата за настанот.
Тимот кој работеше на видеото го сочинуваат Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа).
Овој проект е дел од Артс Хаб програмата на КСП Центар Јадро, поддржана од Фондацијата Отворено Општество во Северна Македонија