Интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“ вечерва во МСУ

Во Музејот на современата уметност – Скопје, вечерва (28 мај), во 20 часот ќе биде отворена интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана од Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова.

Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: S.T.I.F.F.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.

Текстилот е во основата на патувачката изложба организирана од ИФА, со фокус на прашањата: „Кои значења и пораки се својствени за ткаенините?“, „Каква е нивната културна важност?“, „На кој начин можат да се „прочитаат?“, „Што пренесуваат ткаенините за нивното потекло, значења и општествени улоги?“ и „Кои традиционални текстилни техники уметниците ги апроприираaт, издвојуваат, релоцираат и враќаат во живот?“. Текстилот претставува локус во кој уметноста, доаѓа во допирна точка со рачните изработки, традицијата се среќава со сегашноста, а локалното познавање се испреплетува со глобалните односи.

Изложбата ги истакнува бројните комплексни начини на работа со текстил на уметниците – учесници. Личните и естетските наративи се поврзани со општествените и економските конфигурации во глобалниот свет.

За посетителите кои се заинтересирани да ја погледнат изложбата со личен кустос водич, истата вечер во 19:30 часот, пред официјалното отворање, кустосот Бојана Јанева со дел од присутните уметници ќе проговори за концептот на поставката пред присутните.

Изложбата ќе биде отворена до 2 септември 2024 година.

- Реклама -