Сиљановска-Давкова телефонски разговараше со Зеленски: Украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво

Телефонскиот разговор со претседателот Зеленски, претседателката Сиљановска-Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“

Украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици, му порачала претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на украинискиот колега Володимир Зеленски во денешниот телефонски разговор.

Како што информираат од нејзиниот кабинет, претседателката ја нагласила нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија.

„Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, чија цел е да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина. Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја покани претседателката Сиљановска Давкова да ја посети Украина, за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија“,

соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова. 

За време на разговорот, додаваат оттаму, беа нагласени одличните односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.

„Претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Зеленски ја реафирмираа посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави“,

се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Телефонскиот разговор со претседателот Зеленски, претседателката Сиљановска-Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

- Реклама -