Радев ја покани Сиљановска-Давкова во Бугарија: Позитивен знак е што покажала желба за средба

„Со години го поканувам претседателот на С Македонија во Бугарија. Ја поканувам, секако“, рече бугарскиот претседател на прашањето дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија

Позитивен знак е што претседателката на Северна Македонија покажала желба за средба – изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим. Радев и Сиљановска-Давкова во моментов се во Италија на аудиенција кај Папата Франциск во пресрет на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

Румен Радев, претседател на Република Бугарија / Photo: EPA-EFE/JOHANNA GERON / POOL

„Со години го поканувам претседателот на С Македонија во Бугарија. Ја поканувам, секако“,

рече Радев на прашањето дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија.

Поради набиената агенда, како што изјави Радев, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на С Македонија во Рим, но рече дека очекува таква средба да се одржи наскоро.

„Желбата на PCM за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е дека оваа средба ќе се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија“,

изјави бугарскиот претседател од Рим.

Радев, како што пренесува БТА, порачал дека С Македонија мора да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ. Очекувањата на Бугарија и пораката до македонската претседателка, како што рекол, е промена на реториката и крај на јазикот на омразата.

Претходно денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во моментов како и Радев престојува во Рим, рече дека не дошло до заедничка средба со бугарскиот претседател поради неусогласеност на агендите. Подготвеност за средба имало и од двете страни, но останало таа да биде планирана за некоја наредна пригода.

- Реклама -