Свеченост за 24 Мај во Гостивар: Почит кон нашето културно и духовно богатство

Во пресрет на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј,  попладнево во Гостивар се одржа манифестација исполнета со културно-уметничка програма.

Свеченоста ја организираше Центарот за култура „АСНОМ“ во соработка со гостиварските средни училишта, а со поддршка на Министерството за култура.

„Во програмата учесници се ученици од средните училишта во градот со поддршка на нивните ментори, со кои имаме прекрасна соработка, исто како и со менторите и  учениците од основните училишта, кои пак беа дел од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик.“, рече Валентина Тасеска, претставник од Центарот за култура.

Средношколците пред публиката се претставија со рецитации, есеи за почетоците на словенската писменост, за животот и делото на светите браќа, за значењето на нивните мисии преку кои го ширеле христијанството и писменоста, како и поетски творби.

„Јазикот, писмото, литературата се наше духовно наследство, наше најголемо богатство, да се потсетиме на нашето културно и духовно богатство, да им оддадеме почит на луѓето кои се најзаслужни за она кое го имаме денес, свој јазик и писмо, светите браќа Кирил и Методиј.“, беше истакнато на свеченоста.

Во музичкиот дел покрај средношколците, своја изведба имаа Емилија Данилоска и Христијан Гаврилоски.

Организаторите во знак на добрата соработка доделија благодарници на менторите и училиштата. За присутните гости пак, беа обезбедени книги како подарок од градската библиотека.
Браќата Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.
Во согласност со Законот за празниците, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители е државен празник и неработен ден за сите граѓани.
Сподели ја веста:

Извор