Романот „Единствен матичен број“ на писателката Лидија Димковска (1971), во издание на „Три“, е годинашниот добитник на наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Покрај плакета и статуетка, Димковска доби и парична награда од 150 илјади денари, кои ги доделува генералниот покровител Комерцијална банка АД Скопје, веќе седма година по ред.
Свеченото врачување на наградата „Славко Јаневски“ , синоќа, во Драмски театар, се одржа по 25 пат, во свечен, јубилеен амбиент.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа, таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки. Има објавено и седум поетски збирки, еден дневник, една збирка раскази и уредила четири антологии.
Еве, што кажа Димковска, синоќа, во својата инспиративна беседа, како годинешен лауреат на наградата.
„Почитувани читатели и читателки, писатели и писателки, пријатели и пријателки
Најпрвин би сакала да ѝ ја честитам 25-годишнината на наградата „Роман на годината“. И наградите заслужуваат честитки и награди, но и институциите и луѓето кои бдеат над нивното постоење и опстојување, а тоа денес е Фондацијата „Славко Јаневски“. Ми претставува особена чест и задоволство што токму мојот роман „Единствен матичен број“, во издание на Издавачкиот центар ТРИ, ја понесе титулата Роман на годината во една ваква јубилејна година. 25 романи го носат печатот на наградата и кога денес ќе ги погледнеме насловите на книгите, сфаќаме дека речиси на ниту еден од наградените романи не му поминал рокот на траење и не паднал во заборав. 25 романи – колку прекрасна и важна полица во библиотеката на македонската книжевност, за сегашните и за идните генерации, за сите нас! Статистиката на книжевните дела – наградени или во најтесната конкуренција за наградата, е импозантна: 25 наградени романи и 67 романи во најтесниот круг, или 92 романи во кои може човек да влезе низ малата врата на приказната, а да излезе низ големата врата на искуството. Самата сум деветтата авторка добитничка на наградата, што укажува на тоа дека наградата „Роман на годината“сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија. Ќе стане и најдемократската јазична награда кога за неа ќе можат да конкурираат не само авторите и авторките кои живеат во или надвор од Македонија, а пишуваат на македонски јазик, како што сум самата, туку и авторите и авторките кои живеат во Македонија, а пишуваат и на некој друг – малцински или миграциски јазик. Единствено квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела. Колку тажен би бил фактот да не знаеме дека наш современик, наша современичка напишал-а одличен роман, само затоа што го напишал-а на друг јазик, а го пишувал-а тука близу, покрај нас, во истата космичка микро и макроклима на општествен, културен, метафизички и симболичен простор.
Мило ми е што во низата добитници на „Роман на годината“ сум веднаш по Влада Урошевиќ, еден од моите најчитани поети и прозаисти, професор кој знаеше и од годините на раѓање на авторите да направи магија и возбуда, а не пак да брилира во своите поетски и прозни дела, како и во романот кој минатата година ја понесе титулата Роман на годината: „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“. Неговата минатогодишна беседа, посветена на Славко Јаневски, ме наведе да се запрашам кому јас би му ја посветила мојата. Одговорот, веднаш и од прва, би бил– на Оливера Николова, единствената двојна добитничка на наградата „Роман на годината“: и за „Куклите на Росица“ во 2004 година, и за „Песот со тажен поглед“ во 2019 година,од каде и го презедов мотото во мојот роман: „Зарем тоа што го немаме, не е мерка за она што го имаме?“ Преку своето извонредно книжевно писмо што го чувствувам за блиско, речиси свое, за сите времиња си обезбеди „сопствена соба“ во македонската книжевности во неа влегувам како во сопствен дом. Оливера Николова мене, и како на читателка и како на писателка, секојпат одново ми потврдува дека книжевноста ја има моќта да го претвора животот во литература, да го литераризира светот на човечките битија кои во нејзините романи стануваат ликови што ние, читателите, ги сакаме токму затоа што се човечки битија. Документирањето со кое им пристапува на темите што ги одбира за секој нов роман, за мене отсекогаш било знак на сериозност, посветеност и бескомпромисност во книжевноста.
Се обидувам и самата да ги следам овие начела. И мене отсекогаш ме интересирала историјата, можеби затоа што во моето детство вујко ми беше студент по историја и постојано ѕиркав во неговите скрипти, учебници и книги. Но и затоа што ние на Балканот, и не само овде, се раѓаме во историја, живееме во историја и умираме во историја. Историјата е секогаш поврзана со реалноста, но она што мене ме интересира во прозата, во раскажувањето, а што го научив од Оливера Николова, е егзистенцијата. Кундера велеше дека романсиерот не е ни историчар ни пророк туку истражувач на егзистенцијата, битисувањето во светот, светот како можност, а не како пресликана реалност. Ме интересира сторијата, исечокот од историјата во која луѓето не се ни победници ни губитници туку луѓе, мали луѓе кои на своите плеќи и во своето срце го носат крстот на својот единствен матичен број. Обележје, судбина, промисла, сè. Патот од историјата до сторијата, до приказната податлива за роман, е полн со замки, лични зазори, заумни препреки, темнини и сомнежи, и дури кога ќе се исчисти патот од себе до себе во хронотопот на книжевното писмо, се раѓа романот како есенција на егзистенцијата. Отстојувањето на мислата, на чувството, на поривот е и најтешкото во процесот на пишување, односно непишување. Ама дали му се брза на книжевниот јазик? И каде, во кој свет?
Мојот книжевен јазик е македонскиот, го зборувам најмногу и во сиот негов раскошен вокабулар тогаш кога пишувам на него. Научив да го ценам секој постоечки збор, како да е последниот ден од неговото постоење. И јас го обликував, и тој мене ме обликуваше. Мојот збор помина низ многу егзистенцијални фази, географски граници, општествени промени, интимни патешествија, исто како и мојот живот. Секој збор има свој единствен матичен број, свој код, свое значење, свое тело и своја душа. Средбата меѓу човекот и човештвото се случува преку зборот. А зборот може да биде и молк. Со молкот многу се занимавав во романот „Единствен матичен број“, а за тоа ми беа потребни зборови. Литературата се раѓа од парадокси, од сето она што не умееме да го кажеме, од она што го премолчуваме, од сето она што го забораваме. Само на тој начин и се пишува и се чита. Литературата е секогаш огледало на внатрешното битие во нас, и тоа денешниот македонски, но и светски роман, го отсликува на најразлични начини. Секој роман е посебна приказна, секоја приказна можен роман.
Им благодарам на членовите на комисијата што од пристигнатите и прочитани, анализирани, дискутирани и селектирани 36 романи, најнакрај го одбраа „Единствен матичен број“ за Роман на годината. Почестена сум и истовремено свесна дека секој си има свој роман на годината, на месецот, на седмицата, а и на животот. И во тоа е богатството на романописјето, во тоа е хигето на читањето романи. Во тоа е задоволството во текстот што продолжува отаде текстот, во нашата личност, во нашето лично искуство. А тоа воопшто не е малку. Всушност, сигурна сум дека само литературата ќе може да нè спаси од пустелијата во нас самите и во светот околу нас.“
Ви благодарам.
Лидија Димковска