Одземен имунитетот и одобрен притворот на судијата Наке Георгиев, одлучи Судскиот совет

Покрај овие две, Советот на седницата донел уште една одлука со која судијата времено се оддалечува од вршење на судиската функција во Врховниот суд до правосилно завршување на кривичната постапка

Судскиот совет на вечерашната итна седница одлучи да му го одземе имунитетот на судијата на Врховниот суд Наке Георгиев и да ја одобри мерката притвор.

Судијата Наке Георгиев / Фото: Врховен суд на РСМ

Имунитетот на судијата кој вчера беше уапсен поради сомневања за примање поткуп, како што информира Судскиот совет, се одзема заради непречено водење на кривичната постапка.

Покрај овие две Советот на седницата донел уште една одлука, со која судијата времено се оддалечува од вршење на судиската функција во Врховниот суд до правосилно завршување на кривичната постапка.  

„Судскиот совет на Република Северна Македонија на 487. итна нејавна седница одржана на ден 21.05.2024 година расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија и ги донесе следните одлуки: Го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка; го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка“,

се наведува во соопштението на Судскиот совет.

За одземањето на судскиот имунитет на судијата Георгиев и за одобрувањето притворот членовите на Судскиот совет расправаа и одлучуваа зад затворени врати, откако едногласно со 10 гласа „за“ одлучија да ја исклучат јавноста од седницата. 

Тие се повикаа на членот 39 став 2 од Законот за Судскиот совет кој предвидува дека во вакви случаи членовите на ова тело со двотретинско мнозинство гласови можат да ја исклучат јавноста од следење на расправата поради заштита на угледот и интегритетот на судијата.    

Судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев, како што потврдија од Министерството за внатрешни работи, бил лишен од слободна поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Според МВР, тој бил упасен на лице место при извршување на кривичното дело.   

Денеска (20.05.2024 г.) лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамашни насоки од надлежен јавен обвинител“,

информираа од МВР. 

Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори објавија дека врховниот судија бил фатен со 10 000 евра. Тој, наводно бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп во врска со судски случај. Наводно ветувал олеснителни околности во случајот против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана.    

Инаку, врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка од оваа функција пред официјално да даде заклетва за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители. 

Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.   

За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии. 

- Реклама -