Хеликоптерот, во кој патуваа претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, и министерот за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахиан, не го вклучил сигналниот систем или воопшто немал таков систем, соопшти денеска министерот за транспорт и инфраструктура на Турција, Абдулакадир Уралоглу.
Уралоглу изјави пред новинарите дека, бидејќи Иран спаѓа во подрачјето на Турција за реакција при вонредни ситуации, властите провериле дали има сигнал од хеликоптерот откако ја слушнале веста за неговото уривање.
– Прво проверивме дали хеликоптерот испратил сигнал или не. За жал, се покажа дека системот за сигнализација бил исклучен или хеликоптерот не го поседувал овој сигнален систем, истакна тој.
Според Њујорк Тајмс, кој се повикува на ирански медиуми, неофицијално, причина за падот на хеликоптерот е „технички проблем“.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се меѓу деветте жртви на вчерашната хеликоптерска несреќа во планинскиот регион во северозападниот дел на Иран.