Поставени нови иновативни корпи за отпушоци во центарот на Гостивар

Денес во централното градско подрачје на Гостивар беа поставени иновативни корпи за отпушоци од цигари, со цел намалување на загадувањето и поттикнување на правилно одлагање на отпадот. Оваа еколошка иницијатива е преземена од Здружението Центар за развој на медиумите на заедниците од Гостивар, како дел од проектот „Чист град за чиста иднина“.

Корпите за отпушоци се дизајнирани како гласачки кутии, каде пушачите можат да го стават своето догорче според претпочитаниот одговор на прашања како „Што сакам повеќе: кино или театар?“ или „Што е повкусно: пица или бурек?“. Ова иновативно решение не само што обезбедува место за одлагање на отпушоците, туку и поттикнува свесност и учество на граѓаните во одржувањето на чистотата.
„На територијата на општина Гостивар, тешко дека постои јавно место без фрлени отпушоци. Се надеваме дека оваа акција ќе поттикне промена на навиките на пушачите и ќе се намали отпадот од цигарите. Селектирањето на отпушоците може да биде поттик и за нивно рециклирање, што е веќе практика во некои европски земји“, изјави Добринка Стојановска, претседател на здружението МЕДИУМ.
Проектот „Чист град за чиста иднина“ е дел од програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини“, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина Гоу Грин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, финансиски поддржан од Европската унија.
Вкупно шест корпи за отпушоци се поставени на следниве локации низ Гостивар: Општинска зграда, Домот на култура, ЈП Водовод, болницата, плоштадот и автобуска постојка. Оваа иницијатива има за цел да ја подобри животната средина и да го подигне нивото на свесност за еколошките проблеми во општина Гостивар.
Сподели ја веста:

Извор