Украинската армија се повлекува од некои области на северниот фронт во областа Харков

Во соопштението на украинскиот Генералштаб објавено синоќа се наведува дека армијата ги променила позициите во областите кај Лукианац и Вовчанск

Украинската армија најави дека мора да се повлече од одредени области на северниот фронт, во областа Харков, каде што Русија започна нова офанзива на 10 мај.

Во соопштението на украинскиот Генералштаб објавено синоќа се наведува дека армијата ги променила позициите во областите кај Лукианац и Вовчанск.

„Како одговор на непријателскиот оган и пешадискиот напад, нашите единици се префрлија на поповолни позиции со цел да ги спасат животите на нашите војници и да избегнат жртви“,

соопшти Генералштабот на социјалните мрежи.

Руското Министерство за одбрана информира дека руските сили синоќа неутрализирале 17 украински беспилотни летала чија цел било уништување складиште за гориво во Ростовската Oбласт, на југот на земјата, каде што се наоѓа воениот штаб на руската операција во Украина.

„Во текот на ноќта беа спречени неколку обиди на режимот во Киев да изврши терористички напади врз цели на територијата на Русија“,

се вели во соопштението на Министерството.

Руските одбранбени системи пресретнаа и уништија 17 беспилотни летала во неколку погранични региони на Украина, како и десет ракети АТАЦМС над полуостровот Крим, се додава во соопштението.

Во Ростовската Oбласт два дрона оштетија складиште за гориво и предизвикаа експлозии, објави локалниот гувернер Василиј Голубев на Телеграм.

- Реклама -