Прва средба на Силјановска-Давкова како претседателка – ќе се состане со ректорите на државните универзитети

Претседателката, како што соопштија од нејзиниот кабинет, ќе се состане со ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје

Еден ден откако официјално ја презема функцијата, Гордана Силјановска-Давкова денеска во вилата „Водно“ ќе ја одржи првата средба во улога на претседателка на државата.

Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на РСМ / Фото: МИА

Новата претседателка, како што соопштија од нејзиниот кабинет, ќе ги прими на средба ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ – Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.

Во вилата „Водно“ вчера се одржа церемонија за примопредавање на функцијата претседател на државата. Дочекот на новата претседателка беше придружен со највисоки државни и воени почести, а по примопредавањето на функцијата Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова одржаа тет-а-тет средба. Пендаровски ѝ ја честитал победата на Силјановска-Давкова и ѝ посакал успех во извршувањето на функцијата.

Претходно вчера, новата претседателка беше инаугурирана во Собранието каде што даде заклетва пред државниот врв, стариот пратенички состав, претставници на дипломатскиот кор и верските лидери.

- Реклама -