Лукаревска прифати одговорност за изборниот пораз: Функцијата заменик-претседателка ја извршував одговорно, совесно и чесно

„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви“, рече досегашната заменик-претседателка во СДСМ

СДСМ секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста. Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.

Ова вечера на фејсбук-профилот го напиша Сања Лукаревска, досегашната заменик-претседателка на СДСМ и актуелна директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), посочувајќи дека е горда што 8 мај бил празничен ден за демократијата, а тоа според неа и е суштината на борбата на СДСМ за, како што посочи, ослободување од „заробената“ држава.

„Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против. На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи“,

напиша таа.

Според неа, на Македонија и е потребен СДСМ.

„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви“,

рече таа.

Упати честитки на победникот и на сите 120 пратеници.

„Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“

вели Лукаревска.

Од партиската функција потпретседател на СДСМ, по вчерашните избори, на кои партијата загуби, оставки си поднесоа и Фатмир Битиќи и Перо Костадинов.

Од партиската функција се повлече и претседателката на Форумот на жени на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Јованка Тренчевска.

- Реклама -